Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите Нации, Филипо Гранди соопшти дека повеќе од 90 мигранти загинале во трагедија во Средоземното Море, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
„Повеќе од 90 луѓе загинаа во уште една трагедија на Медитеранот. Европа ја докажа својата способност великодушно и ефикасно да прими четири милиони бегалци од Украина. Сега мора итно да размисли како да го примени ова и на другите бегалци и мигранти кои тропаат на нејзината врата“, рече Гранди.
Организацијата Лекари без граници (МСФ) исто така објави дека повеќе од 90 нерегуларни мигранти загинале во меѓународните води на преполниот брод што пред неколку дена ја напуштил Либија.
Од организацијата наведоа дека од комерцијалниот танкер „Алегрија 1“ биле спасени четворица лица од бродот, кои рекле дека на таму имало најмалку 100 луѓе и дека пловеле во морето најмалку четири дена.
Либија се смета за една од рутите кои најчесто ја користат нерегуларните мигранти кои сакаат илегално да преминат од Африка во Европа.