Сојузот на средношколци на РСМ (ССРСМ) подготви две предлог-законски решенија кои се однесуваат на бесплатен превоз за сите средношколци и гарантирање на ученички совети во секое училиште, информираше денеска претседателот на Сојузот, Лука Павиќевиќ.
Во однос на бесплатниот превоз, тој вели дека моменталната состојба е поразителна, посочувајќи на случајот во Радовиш каде 66 средношколци две недели немаа превоз до училиште. Според Павиќевиќ, самиот систем е дискриминирачки, додавајќи дека средношколците кои живеат на растојание помало од 2.5 километри од нивното училиште и учениците во приватните училишта немаат право на бесплатен превоз.
„Тие кои го имаат пак го губат правото за време на распустот што се намалува нивната мобилност. На 29 март се сретнавме со градоначалничката на Скопје. Нашите идеи наидоа на поддршка и разбирање. Начелно договоривме и состанок со Управниот одбор на ЗЕЛС. Сојузот подготви закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование со кои ќе се воведе праведен превоз за сите средношколци на територија на целата држава“, рече Павиќевиќ.
Со предлог-законот, тој посочи дека сите средношколци ќе го добијат правото на бесплатен автобуски и железнички превоз во сите региони од државата во текот на целата календарска година, а истовремено и дека ќе се оствари и третата точка од нивната изборна програма.
Одговарајќи на новинарско прашање на Радио МОФ, претседателот на ССРСМ, изјави дека за бесплатниот превоз немаат разговарано со никој од пратениците, освен со градоначалничката на Скопје.
„Очекуваме да добиеме поддршка од сите пратенички групи бидејќи станува збор за исконско барање на средношколците, објавено уште во мај 2021 година, а секако е во интерес и на локалните економии, па очекуваме сите партии да го поддржат“, рече Павиќевиќ.
Сојузот на средношколци, истовремено подготви и предлог-закон со кој се гарантира постоење на ученички совети во секое училиште, нивна независност од другите органи на училишната управа, како и демократски и непосредни избори за претседателите на ученичките совети
„Средношколското организирање е круцијално за канализирањето на гласот на средношколците и исполнување на нивните барања и интереси. Моментално истото не е регулирано со закон туку е оставено на добрата волја на училиштата. Ова дозволува честопати во училиштата воопшто да нема демократски претставници на учениците или пак тие да бидат именувани од страна на директорите. Ова мора да се промени. Долго време преку различни иницијативи заедно со ИДУЕП, КАС и ЛЕАД ги најавуваме нашите реформски зафати“, истакна Павиќевиќ.
Овие принципи биле истакнати и на средба со Клубот на млади пратеници и на конференција во организација на Претседателот Стево Пендаровски.
Павиќевиќ очекува консезуална поддршка и за овој предлог-закон, бидејќи, како што вели, е во визија на подобрување на државата
„Следен чекор е Генералното собрание на Сојузот да ги дебатира и одобри овие предлози на неговата следна седница што е закажана за недела, 10 април. Ако и штом ова се случи, предлогот за бесплатниот превоз ќе биде објавен на нашата страница. Предлогот за средношколското организирање првин ќе биде испратен до нашите партнерски организации, а потоа ќе биде достапен и на пошироката јавност“, најави тој.
Истовремено, од Сојузот посочија дека и официјално добиле кандидатски статус за членство во Организирачкото биро на европските средношколски сојузи (ОБЕССУ). Па така, Павиќевиќ вели дека Сојузот станува дел од европското семејство на борците за средношколските права и интереси ширум целиот континент.
„Додека државата вечно чека да добие кандидатски статус за членство во Европската Унија, средношколците се години понапред и веќе се кандидати за членство во ОБЕССУ, што впрочем е Европската Унија за средношколски организации“, додаде Павиќевиќ.
Мартин Колоски