По првенчето „The Essential Sunday Gloom“, македонска џез група „Taxi Consilium“ за помалку од една година го објави и својот втор албум „Spiritual Car Wash“.
„Не правете грешка, ова е комплетно различен возач и возило“, стои меѓу другото како информација на албумот објавен под етикетата на PMGJazz.
„Циркусите лошо управувале со пензиските фондови, па тој (возачот) мора да вози во доцните 60-ти. Неговиот автомобил има број 49. Фирмата за која вози: Панорама. Во багажникот ја носи својата стара машина за пишување Олимпија. Затоа што, се разбира дека тој и пишува. Горд автор е на десет обскурни монографии за храната во градот Ресен, сместен во длабокиот југ на Македонија, со многу необични типови на кујна и навики во исхраната. Сака да зборува цел ден за чакрите, трансценденталната медитација и кармичките прилагодувања. Во возилото единствено го пушта албумот ‘Far East Suite’ од Дјук Елингтон, но обратно, од позади нанапред“, стои како информација за албумот.
На новиот албум на „Taxi Consilium“ свират Благојче Томевски на два вида кларинета, Филип Букршлиев на гитара, Андреа Мирческа е на бас, додека Драган Теодосиев е задолжен за тапаните.
„Spiritual Car Wash“ е снимен и миксан кај Ивица Јанкуловски во студиото „Алшар“.