Како изгледа интернетот? Одговорот на ова прашање е масивниот уметнички проект „r/place“ што претставува глобално платно, каде корисниците на форумот „Реддит“ со сплотени сили исцртуваат заедничко, уметничко онлајн дело. А на него има сè – и најлошото и најдоброто од интернетот и сè што може да влезе под терминот „сајберкултура“ – мемиња, филмски и музички референци, интернет сленг, знамиња на држави, знамињата на ЛГБТИ движењето, илустрации од цртани карактери и цртежи што не значат ништо.
Ваков масивен и онлајн уметнички проект засега се има случено два пати. Првиот пат во 2017 година, а вториот на Денот на шегата – 1 април 2022 година. Интернет корисниците имаа можност неколку дена да се организираат и да исцртуваат на онлајн платното, а тоа постојано минуваше низ трансформации пред засекогаш да биде избришано.
Интересно е што учествувањето во овој масивен проект кој се базира на интернет соработка е долг и мачен процес – дозволено е еден пиксел да биде обоен во период од 5 минути, а за оние кои немаат „Реддит“ профил, боењето на еден пиксел е дозволено во рок од дваесет минути. Поради тоа, потребни се голем тимски дух и сложена логистика.
Ракија, скопско и ајвар
Без никаква најава на 1 април беше отворено ново „r/place“ на „Реддит“. Радио МОФ поразговара со модераторот @CaptainMoso за тоа како се организираше македонскиот „Реддит“ тим, имајќи на ум на глобалното онлајн платно да исцртаат нешто препознатливо за ова поднебје, но и со Твитер корисникот @astrogrev кој учествувал во цртањето.
„Јас и неколку други членови на ‘Реддит’ друштвото од Македонија сакавме да ја претставиме државата на најпопуларниот настан на ‘Реддит’. Се почна со неколку членови кои сакаа да нацртаат мало македонско знаме кое не успеваше да опстои на платното. Но, по рекламата на Инстаграм од ‘DarkoVlogs’, нашата заедница порасна на повеќе од 4.000 члена и успеавме да обезбедиме место“, вели @CaptainMoso.
@аstrogrev се надоврзува дека претходно, нашиот тим имал нацртано мало македонско знаменце помеѓу хаосот од променливи цртежи, но веќе вториот ден онлајн платното се проширило и тие се префрлиле на поголемо место.
„Поминаа неколку цртежи, го имаше Гоце, ракија, ајвар, Kамениот мост, Скопско… За на крај остана Македониум со 1903, тоа беше крајната слика пред да го изгаснат платното“, вели @astrogrev.
@CaptainMoso објаснува дека целата организација за цртањето се одвивала преку Дискорд.
„Нашите цртежи успеаја да опстанат додека траеше целиот настан. Ние пробувавме да ги нацртаме статуата „Воин на коњ“, портрет на Гоце Делчев и Македониумот. На крај се решивме дека ќе остане македонското знаме со Воинот на коњ и Македониумот над него и среќни сме што успеавме да го реализираме ова“, објаснува тој.
За крај, @CaptainMoso изрази благодарност до Дарко за споделување на повикот, но и за сите кои учествуваа во цртањето на глобалното онлајн платно и успеаја да остават македонски отпечаток. Тој додава дека се надева на идно учествување на некој нареден „Реддит“ настан.
Погледнете како се трансформираше онлајн глобалното уметничко дело во ‘r/place’.
Ивана Смилевска