Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) соопшти дека Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди во корист на „Фокус“ во случајот против Сашо Мијалков.
Пресудата доаѓа откако македонските судови одлучија дека уредничката на ,,Фокус” Јадранка Костова и новинарот Владо Апостолов треба да му платат над 9.000 евра штета на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков за изнесена клевета и навреда.
Според пресудата на Стразбур, која беше објавена вчера, правосудните органи во Северна Македонија го прекршиле членот 10 – слобода на изразување од Европската конвенција за човекови права, а на тужителите, уредничката Костова и новинарот Апостолов им е одредена нематеријална штета од 3.000 евра односно 1.250 евра.
Апликацијата беше поднесена во 2016 година, откако новинарите пред домашните судови беа осудени за клевета и навреда на тогашниот директор на УБК, за што му платија штета од над 9000 евра.
Текстовите беа објавени во сега згаснатиот дневен весник „Фокус“, каде што беа пренесени изјави од поранешниот амбасадор на Чешка, Игор Илиевски, кој тврдеше дека бегал од Чешка поради притисоците од Мијалков.
„ЗНМ во 2014 година сметаше дека одлуката на судиите Лидија Димчевска, Станка Зафировска и Енвер Беџети сериозно ја прекршува слободата на изразувањето и ги одвраќа новинарите да пишуваат за евентуални злоупотреби на власта, додека изречените надоместоци за нематеријална штета се превисоки и непропорционални на стандардот на македонските новинари. ЗНМ тогаш апелираше дека судот воведува неприфатлива пракса новинари да се осудат за клевета заради пренесена изјава. Ако новинарите ги проверуваат фактите на секоја изјава, како што бара судот, тогаш најголем дел од изјавите на јавни личности, не треба да се објавуваат“, велат од ЗНМ.
Во 2014 година, во контекст на овој случај, ЗНМ за помалку од десет дена преку солидарната акција успеа да собере најголем дел од потребните 9.000 евра колку што новинарите на весникот ,,Фокус” требаа да му исплатат на Мијалков за нанесената нематеријална штета.