Укинување на мерката задолжително носење маски во затворено, со исклучок на здравствените установи, домовите кои згрижуваат постари лица, аптеките и јавниот превоз е една од препораките кои Комисијата за заразни болести (КЗБ) ќе ги предложи до Владата.
Со препораката, во овие четири затворени простори ќе остане задолжителното носење маски, а во сите останати, маските може да се носат само по желба на граѓаните. Од Комисијата посочија дека епидемиолошката состојба овозможува да се размислува за намалување на рестриктивните мерки.
Дополнително, претседателот на Комисијата, Александар Петличковски посочи дека иако се препорачува укинување на мерката, тие повторно препорачуваат маски да носат возрасните, имунокомпромитираните лица и лицата со хронични болести.
„За нив препораката останува, нема задолжение, но има препорака бидејќи носењето маска е ефикасна мерка за заштита од пренесување и за заштита на здравјето“, рече Петличковски.
Истовремено, до Владата тие ќе препорачаат да се укине епидемиолошкото следење на контактите на позитивни лица на коронавирус и последователната препорака за изолација на контактите.
Инаку, Министерството за здравство денеска информираше дека се регистрирани 195 нови случаи на Ковид-19, оздравеле 207, а починале 3 лица. Бројот на активни случаи сега изнесува 1.535.