Откако минатата година започна да се применува електронската пријава за упис на првачињата во основното образование, од Министерството за образование и наука најавуваат дека нивната цел е од септември оваа година и деветооделенците да се запишуваат електронски во средните училишта кои ќе ги изберат.
Ова беше споделено на презентацијата на новата услуга што се реализира во рамки на проектот „Дигитализација на услуги во образовниот сектор“, поддржан од Владата на Обединетото Кралство преку Британската амбасада во Скопје.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, нагласи дека во време на брзо живеење и интензивна употреба на мобилните уреди, разбирливи се напорите на секоја државна институција што повеќе од своите услуги да ги овозможи во дигитална форма.
„Факт е дека пандемијата нé натера да ја забрзаме дигитализацијата во образованието во целина, и во услови на намалени физички контакти да обозможиме реализирање на обврските, но исто така е факт дека придобивките од неа се исто толку значајни и во пост-ковид периодот. Дигитализацијата на услугите ги ретчи непријатните гужви кога со документи в раце се чека на шалтер, ги исклучува трошоците за достава на документи по пошта, го крати времето за завршувањето на формалностите и на крајот, но не најмалку важно, додава транспарентност во целиот процес. Имено, дигитализацијата на услугите, покрај другите значајни придобивки, значи и минимизирање на можноста за какви било коруптивни дејства“, потенцираше министерот.
Шаќири додаде дека родителите и децата, како корисници на образовните услуги, освен за пријавување за упис во основно и средно образование, можат електронски да аплицираат и на конкурси за стипендии, за нострификации на дипломи, за сместување во ученички и студентски домови. Исто така, воведена е можност за електронско информирање на родителите односно старателите на учениците за успехот, поведението и состојбата на нивните деца на училиште.
Проектот за дигитализација на услугите во образовниот сектор го имплементира Центарот за управување со промени, а министерот Шаќири напомена дека заедно со нив ќе биде реализирана обука на директорите на средните училишта на кои ќе им биде претставен начинот на работа на новата електронска услуга.