Твитер потврди дека работи на копче за уредување на твитови (edit), кое ќе овозможува на корисниците да ги менуваат твитовите откако се објавени.
Овој чекор доаѓа откако новиот член на управниот одбор на компанијата, сопственикот на Тесла Илон Маск, преку Твитер анкета ги праша своите следбеници дали сакаат ваква опција.
Многу од корисниците долго време повикуваа на опција со која ќе можат да ги уредуваат своите твитови, но од социјалната мрежа постоеше загриженост како тоа би можело да се спроведе.
Твитер сега соопшти дека ќе започнат да ја тестираат новата услуга во следниве месеци.
„Сега, кога сите прашувате… да, навистина работиме на можност за уредување на твитовите од минатата година. И не, не ја добивме идејата после анкетата“, твитнаа од компанијата.
Првично оваа опција ќе ја имаат корисниците на Твитер Блу, претплатничкиот сервис на платформата, кои ќе извршат почетно тестирање на копчето за уредување.
Со опцијата за уредување корисниците ќе можат да поправат печатни или други видови грешки во твитовите без губење на „ретвитите“, „лајковите“ или одговорите на нивните твитови.
Заменик претседателот на Твитер, Џеј Саливен, вели дека оваа опција била најбараната од корисниците. Сепак од компанијата потенцираат дека бараат начин како оваа услуга да ја направат „на безбеден начин“.
„Без нешта како временско ограничување, контроли и транспарентност околу тоа што е променето, копчето за уредување може да се користи на погрешен начин со цел да се промени јавната дискусија. Заштита на интегритетот на јавната дискусија е нашиот врвен приоритет кога се впуштивме во овој потфат“, објаснува Саливен.
1/ We’ve been exploring how to build an Edit feature in a safe manner since last year and plan to begin testing it within @TwitterBlue Labs in the coming months. Sharing a few more insights on how we’re thinking about Edit 🧵 https://t.co/WbcfkUue8e
— Jay Sullivan (@jaysullivan) April 5, 2022
За време на говор во 2018 година, сопственикот на Твитер, Џек Дорси, изјави дека неговата компанија веројатно никогаш нема да ја додаде функцијата за уредување твитови.
Сепак конкурентските социјални медиуми, како Фејсбук и Инстаграм, овозможуваат промена на нивните објави.