Среде пандемија, со загадена планета, зголемени болести како рак, астма, срцеви заболувања, на Светскиот ден на здравјето, Светската здравствена организација (СЗО) соопштува дека фокусот го става на итните активности за да се одржат луѓето и планетата здрави и да се поттикне движење за создавање општества фокусирани на благосостојба.
СЗО проценува дека повеќе од 13 милиони смртни случаи ширум светот секоја година се должат на еколошки причини што може да се избегнат. Ова ја вклучува климатската криза како најголема здравствена закана со која се соочува човештвото.
„Климатската криза е и здравствена криза. Нашите политички, социјални и комерцијални ја насочуваат климатската и здравствената криза. Над 90% од луѓето дишат нездрав воздух како резултат на согорување на фосилни горива. Загреаниот свет гледа дека комарците шират болести подалеку и побрзо од кога било досега. Екстремните временски настани, деградацијата на земјиштата и недостигот на вода ги раселуваат луѓето и влијаат на нивното здравје“, се вели во соопштението на СЗО.
Од таму посочуваат дека загадувањето и пластиката се наоѓаат на дното на нашите најдлабоки океани, се расфрлани на највисоките планини, а се пробиваат и во нашиот синџир на исхрана.
„Системите кои произведуваат високо преработена, нездрава храна и пијалоци предизвикуваат дебелина, зголемувајќи го ракот и срцевите заболувања, истовремено генерирајќи една третина од глобалните емисии на стакленички гасови“, посочуваат од СЗО.
Според СЗО, додека пандемијата со КОВИД-19 ни ја покажа исцелителната моќ на науката, таа исто така ги истакна нееднаквостите во нашиот свет.
„Пандемијата откри слабости во сите области на општеството и ја подвлече итноста за создавање општества со одржлива благосостојба посветени на постигнување правично здравје сега и за идните генерации, без да се прекршуваат еколошките граници“, стои во соопштението.
Сегашниот дизајн на економијата, велат од СЗО, води до нерамномерна распределба на приходот, богатството и моќта, при што премногу луѓе сè уште живеат во сиромаштија и нестабилност.
„Економијата на благосостојба ги има како свои цели човечката благосостојба, правичност и еколошка одржливост. Овие цели се преточени во долгорочни инвестиции, буџети за благосостојба, социјална заштита и правни и фискални стратегии. Пробивањето на овие циклуси на уништување за планетата и здравјето на луѓето бара законодавна акција, корпоративни реформи и поединци да бидат поддржани и поттикнати да прават здрави избори“, констатираат од СЗО.