#РаскажиМи: Фрагмент од #DeepPoolsOfNostalgia од Марина Костова

Овој пат во рубриката #РаскажиМи, објавуваме една од кусите лични истории на Марина Костова, кои таа редовно ги објавува на својот Фејсбук профил преку хаштагот #DeepPoolsOfNostalgia.

Серија од личните истории се дел од претстојната хибридна збирка „Јазикот е чудна ѕверка“.

Марина Костова е меѓу најреномираните филмски критичари и наградувани новинари во Република Северна Македонија. Таа е заменичка-главен уредник и членка на основачкиот состав на Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК .

Добитничка е на највисоката државна награда за новинарство и публицистика „Мито Хаџивасилев – Јасмин“.

Членка е на Меѓународната федерација на филмски критичари (ФИПРЕСЦИ) и учествува во критичарските жирија, меѓу другите и на филмските фестивали во Венеција, Оберхаузен, Осло, Котбус, Сараево, Истанбул, Солун, Виена, Кемниц, Манхајм, Клуж и други. Објавува и рецензии и извештаи на официјалната веб-страница на ФИПРЕСЦИ.

Авторка е на монографијата „Манчевски“ и на книгата „Дожд, светот за Пред дождот на Милчо Манчевски“. Монографијата „Манчевски“ ја освои наградата за најдобро оригинално издание на Саемот на книгата Скопје 2015.  Како македонски артефакти обете книги се достапни во над 120 национални и универзитетски библиотеки во светот.

Во продолжение прочитајте фрагмент од серијата #DeepPoolsOfNostalgia.

***

Кога бев петто одделение свирев мандолина во школскиот мандолински оркестар, диригентот не беше наставник во школото. Којзнае зошто избрав мандолина, а не гитара, може оти сите другарки го свиреа баш тој инструмент, па да не се двојам. Татко ми ми купи мандолина, мајка ми ми соши калафка од медово кафен плиш и почнав да одам на пробите.
Пробите беа многу забавни, свиреме по ноти, иако ние најмалите бевме петта мандолина, што значи дека во најтешките дела цело време трзавме само два-три тонови кои, верувам, не се ни слушале во големата звучна слика. Научивме целосно да свириме само една песна, „Подмосковските вечери“.
Првиот настап беше на некој голем патронат на школото, мислам дека беше на сцена во театар, веројатно стариот МНТ кај што е сега Комедија, сигурно не беше во школската сала. Чекавме наредени една по друга зад сцена и на знак на диригентот тргнавме да излеземе. Во моментот кога почнавме да излегуваме, на една од првите мандолини ѝ се скина жица, настана блага паника и една стара учителка ми ја грабна мојата од раце и ѝ ја даде нејзе. Веќе бев тргната да излезам на сцената и место да застанам, јас си продолжив и си седнав на местото во полукругот на оркестарот. Бев како во транс, излезе диригентот, ги крена рацете, сите ги ставивме мандолините во став спремни, па и јас се наместив иако немав инструмент. И почна да свири оркестарот, почнав и јас да свирам на воздушна мандолина.
Не знам колку време свирев така, ама точно се сеќавам на моментот кога ја сфатив апсурдноста на ситуацијата. Ги спуштив рацете, станав и излегов од сцената.
Натаму ми е сè како бунило, старата учителка со проседа ондулирана коса ми с’ска в лице дека сум ја уништила претставата, ме влече за рака, а јас како да сум во проѕирен балон и ништо не осеќам освен тих ужас.
Ме зедоа моите дома, бев болна со денови, памтам дека онемев, ни зборев ни слушав во проѕирниот балон. Којзнае, може тоа ми е првиот пад во депресија.
Татко ми, строг и правичен наставник во друго школо, веднаш отишол и драматично ме отпишал од мандолинската секција, а се искарал и со колегите. Памтам дека ми кажуваше, го чув ама не го заушив.
Ја баталив мандолината, не свирев со години, почнав да одам во школскиот хор, па и солистка бев. Мислам дека ја фатив пак кога завршив осмо, сама ја штимав и често си ја свирев „Подмосковските вечери“, а пробував по слух да свирам и некои други песни, ноти веќе никогаш не читав.
Мандолината уште ја чувам, во истата плишана калафка сега без рачка. Нема ниедна жица, се искинаа кога ја дограбија прво внуците, а после и син ми, заедно со една прастара виолина што ја имаме цел живот иако никој никогаш не ја свирел. Одамна престанав да купувам жици, ќе си ја свирев „Подмосковските вечери“ за своја душа, по голиот врат на мандолината и со трзалица во десната рака, уште го знам прстометот.
Додека свирев на мандолината без жици ме фаќаше чуден спокој, ептен се смеев кога ќе се видев како свирам без инструмент на сцената со оркестарот и озбилниот диригент. Сега веќе не свирам, ама целата драма ми е уште посмешна.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.