Во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, во ОУУ „Ѓорче Петров во Општината Ѓорче Петров, денес, на Светскиот ден на здравјето, беше отворена нова сензорна соба за учениците со и без образовни потешкотии.
Тие ќе може да работат во сензорната соба опремена со реквизити и стимулативните алатки, придружени од стручната служба и специјалниот едукатор и рехабилитатор.
На отворањето, Бранка Џајковска од Фондацијата „Чекор по чекор“ која го спроведува проектот, истакна дека новата и десетта сензорна соба отворена преку „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ ќе овозможи пристап до квалитетно образование на 18 деца со попреченост од училиштето.
„Проектот ‘Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран’ стимулира инклузијата преку директна поддршка на семејствата, oбука на наставниот кадар, потоа стипендирање на учениците со попреченост, со што тие рамноправно се вклучуваат во редовниот образовен систем. На овој начин ние директно работиме на развој на инклузијата на локално ниво, и се залагаме за создавање на еднаков пристап и можности за сите деца во сите училиштата“, нагласи Џајковска.
На отворањето на сензорната соба присуствуваа и Маја Топковска од Фондацијата „д-р Верица Механџиска“, која ја поддржа реализацијата на сензорната соба, како и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Реализацијата на сензорната соба е во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ финансиран од Европската Унија, а го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“.
Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука.