На дел од едната страна на улицата „Васко Карангелевски“ во скопски Аеродром каде се планирани градежни активности, денеска се спроведе сеча на дрвја. Тоа беше причината за локалецот Живко Димитриевски да дојде на лице место и да го изрази револтот од активностите на градските служби.
Димитриевски за Радио МОФ вели дека живее кај „Тобако 2“, во близина на улицата. Објаснува дека за сечата на дрвја разбрал од социјалните мрежи, па побрзал да дојде на местото.
„Брзо дојдов, да видам за што се работи, меѓутоа некои работи, за жал веќе биле извршени. Имаше тука веќе други активисти кои спречиле едно дрво да биде исечено. Малку задоцнив, ќе сум им помогнел на луѓето, меѓутоа како и да е, тука сме, моментално дежурам, да не се случи повторно некоја герила од надлежните“, рече Димитриевски.
Истовремено, се сеќава и вели дека на местото имало многубројни воени бараки и дека на нивно место изникнале висококатници.
„Тука сум јас, стар жител. Така да, погледот кон Водно ни се скрати, дрвјата што беа околу ги снема, тие мали баракчиња не беа пречка, на нивно место дојдоа тие, големи згради, високи, тоа е што да кажам, урбана мафија на дело. Што значи зеленило… исто како да ме прашате зошто служат очите, ушите, се знае зошто, тие се дишните органи на еден град, на една населба… зеленилото ни го штити воздухот, ни го чува нашето здравје, без зеленило, само бетон, ќе испоцркаме“, рече Димитриевски.
Информацијата за сеча на дрвја, првично преку Фејсбук ја сподели иницијативата „Зелен Хуман Град“ (ЗХГ) и ги повика локалните жители да направат блокада за да се сопре сечата. Неколкумина активисти од иницијативата веќе беа на терен.
Марјан Калевски кој е дел од ЗХГ вели дека кога дошол на улицата, веќе сè било завршено.
„Со уште еден човек само стоевме до едно дрво што требаше да го пресечат, што беше во план да го сечат, а претходно исекле 2 дрвја, а другите се како грмушести растенија со повеќе стебла“, рече Калевски.
Како што објаснува тој, работниците имале решение за сеча на 14 дрвја, и посочи дека потоа „испадна дека тоа решение не било издадено по согласност од кабинетот на градоначалничката“.
„Според решението, само дрвјата што се од оваа страна на училиштето требало да се расчистат, теренот, да се проширува улицата, а од претходното раководство беше дизајнирано дека треба да се пресечат уште два дрвореди од другата страна на улицата. Тие сега нè уверуваат дека нема да се сечат. Остана само уште едно дрво што успеавме да спречиме да го исечат, ни рекоа дека тоа треба да се премести“, рече Калевски.
Исто така, тој додава дека им посочиле на службите дека нема да дозволат да се исече и последното дрво и вели дека службите отстапиле од намерата.
„Рекоа дека дејствуваат по решение, и ни го покажаа решението. Имаше дека 14 дрвја треба да се пресечат, така што, тој што го издал решението, тој треба да одговара за тоа“, додаде Калевски.
Истовремено, тој е дециден дека нема да дозволат да се сечат здрави дрвја и најави дека ќе протестираат во случај да има такви дејствија.
Иницијативата „Зелен Хуман Град“ на 22 септември минатата година организираше и протест против најавената сеча на дрвја, за време на поранешната градска власт.
Калевски сега вели дека имале уверување од кабинетот на градоначалничката дека ни едно дрво нема да се исече, како и дека е договорено да се прошири трасата од страната на училиштето, а истовремено дека сите дрвја од таа страна ќе се преместат.
Од кабинетот на градоначалничката за Радио МОФ изјавија дека градоначалничката Данела Арсовска излегла на терен и побарала од службите да престане сечата на дрвја.
Истовремено, за следната недела најавија и прес-конференција за реконструкцијата на улицата.
Мартин Колоски