Најмалку 30 луѓе се убиени, а повеќе од 100 лица се ранети во ракетен напад на железничката станица во градот Крематорск во источна Украина, потврдиле од украинската железница, пренесе Би-Би-Си.
Градоначалникот на Доњецк, Павло Кириленко, изјавил дека на станицата имало илјадници луѓе кои се обидувале да се евакуираат на побезбедни локации, а најголем дел од нив во моментот на нападот биле стари лица, жени и деца.
Украинскиот претседател, Владимир Зеленски го осуди нападот.
„Во недостаток на сила и храброст да ни се спротивстават на боиштата, тие цинично уништуваат цивилно население. Ова е зло кое нема граница. Ако остане неказнето, никогаш нема да престане“, напиша Зеленски на Инстаграм.
Ројтерс информираше дека три возови во кои се евакуираат луѓе биле блокирани во истиот дел од Ураина по гранатирање на железничката пруга.
Натан Мук, директорот на хуманитарната организација „Светска централна кујна“ се наоѓал во близина на станицата непосредно пред нападот. Тој за Би-Би-Си изјавил дека слушнал пет до десет експлозии.
„Поминувавме покрај железничката станица, можевме да видиме илјадници луѓе. Беше голема гужва, исто како вчера и ден претходно“, рекол Мук.
Откако се вратил на местото на екслозијата тој вели дека затекнал ужасни сцени.
„Остатоците од една од гранатите на паркингот ги искршил сите прозори, десетици жртви. Итните служби дојдоа на лице место многу бргу за да ги згрижат повредените и да ги тргнат телата на загинатите“, додал Мук.
Украинските власти последниве неколку дена ги повикуваа граѓаните да ги напуштат источните делови на Украина во очекување на голема руска офанзива во областа Донбас.