Податоците за политичкото учество на младите во нашата држава се разочарувачки и ни ја покажуваат реалната слика која се рефлектира со интензивната младинска миграција и генералната политичка апатија вели во колумната на Радио Слободна Европа Нина Јовановска, членка на Младински Сојуз – Крушево.
Кога говориме за младинското учество како „клуч на демократијата“ или пак како главна одлика на активното младинско граѓанство, истото можеме да го разгледуваме од неколку аспекти – политички, социјален и економски. За да ја утврдиме состојбата со младинското учество во нашата држава, ќе се послужиме со „Извештајот од мониторингот на политичкото, социјалното и економско учество на младите“ кој всушност претставува продукт на мрежата „Youth Bank Hub for Western Balkan and Turkey“, која обединува 20 организации, меѓу кои и Младински Сојуз – Крушево како еден од координаторите, чија главна цел е постигнување на поголема вклученост на младите во процесите на донесувањето на одлуките.
Што ни покажуваат податоците од индексот за младинското учество во Северна Македонија?
1. Политичко учество
Податоците за политичкото учество на младите во нашата држава, според Индексот, се разочарувачки и истите ни ја покажуваат реалната слика која се рефлектира со интензивната младинска миграција и генералната политичка апатија – ниско ниво на младинско учество во процесите на донесување на одлуки, силна недоверба во системот и институциите, верувања дека политичарите не се грижат доволно за нивните мислења, дисфункционални или непостоечки локални структури и механизми за младинско учество кои патем се предвидени во секоја општина благодарение на Законот за младинско учество, и секако најголемите непријатели на демократијата – корупцијата и непотизмот.
Единствено, младите луѓе, како донесувачи на одлуки во нашата држава, ги гледаме само во Собранието, но, замислете колку убаво би звучело некому да се каже „првиот млад Министер, млад заменик министер, млад градоначалник…“
2. Социјално учество
Во поглед на социјалното учество, за разлика од политичкото, Извештајот ни покажува недостаток на податоци кои се однесуваат конкретно на младите, а кои се потребни за утврдување на ситуацијата. Сепак, од она што е опфатено во Извештајот, можеме да заклучиме дека дваесетина проценти од младите во Македонија живеат во ризик од сиромаштија и социјална исклученост, а додека пак во поглед на образованието ситуацијата е постатична – сличен број на испишани ученици од средното образование и мал пораст на запишани студенти во високото образование.
3. Економско учество
Состојбата со економското учество на младите во нашата држава е „посветла“ и донекаде поохрабрувачка во однос на другите бидејќи забележуваме намалување на стапката на невработеност апропо зголемување на стапката на вработеност, што можеби се должи на високиот процент на млади кои започнуваат бизниси користејќи субвенции и грантови. Меѓутоа, интерес заслужува и податокот кој се однесува на младите кои се невработени, и не се вклучени во образование или обука (анг. NEET – not in employment, education or training), а кој податок укажува дека стапката на овие НЕЕТ млади е се уште висока или поконкретно – секој четврти млад човек во земјава е невработен, или пак не е вклучен ниту во образование ниту во обука.
Откако ги утврдивме вредностите кои ни ја покажуваат состојбата со младинското учество кај нас, клучното прашање што се поставува е „како да ги подобриме“?
1. Политичко учество
Бидејќи политичкото учество на младите е ниско, едноставен одговор за подобрување на оваа вредност би бил – „вклучување на младите во процесите“. Меѓутоа јас сметам дека ова треба да биде крајната цел или резулатот на еден поголем и поширок процес кој ќе се одвива на неколку нивоа. Велам дека вклучувањето на младите треба да биде крајна цел бидејќи на тоа вклучување треба да претходи подготовка и инвестиција во младите. Ова значи дека тие млади треба да бидат запознаени со нивната улога, потоа да бидат свесни за можноста за нивниот придонес и импакт во процесите, и секако еднa од најважните работи е тие да бидат интелектуално збогатени со информациите и знаењата кои ќе им помогнат тие самите да можат да се носат „рамо до рамо“ со „повозрасните“ политичари кои како главна предност и „поткрепа“ за авторитет го земаат нивното долгогодишно искуство во политиката и политичките процеси. Ова искуство, младите можат да го стекнат во една поинаква форма преку институционалните механизми и структури кои се предвидени со имплементација на Законот за младинско учество, за кој не смееме да си дозволиме да стане „мртво слово на хартија“, и покрај негативното влијание на пандемијата на која и се препишува неимплементирањето.
Заклучно, моето мислење е дека целиот овој процес ќе се одвива многу потешко и ќе бележи помали успеси доколку претходно не се работи системски на клучните и коренити проблеми кои ги напоменав претходно, а од кои и извира самото неучествување на младите во политиката.
2. Социјално учество
За да се подобри состојбата со социјалното учество на младите, потребни се сериозни, одржливи, системски и институционални решенија и механизми кои ќе предизвикаат пред се намалување на сиромаштијата од која најмногу страдаат младите, потоа ќе го подобрат животниот стандард и ќе поттикнат социјална кохезија со еднакви можности и пристапи за сите млади луѓе.
Потребно е да се надмине социјалната поделба и јазот кој постои помеѓу младите – додека одредени млади категории и лица заслужено или незаслужено ги уживаат сите придобивки на модерното живеење, се повеќе сме сведоци на случаи во кои заради финансиската состојба одредени млади лица не успеваат да го завршат ниту основното или средното образование, а мисловна именка е нивното запишување на факултет. Од таа причина, сметам дека е потребно власта, институциите, општините, невладиниот сектор и другите релевантни донесувачи на одлуки да вложат сериозни напори и ресурси кои ќе овозможат барем во најмала рака еднаква стартна основа за сите млади.
3. Економско учество
Подобрувањето на економското учество примарно го гледам како улога на власта и надлежните институции (агенции за вработување, министерства, академската сфера, образовните институции), а додека пак на секундарно ниво, како главни актери, ги гледам бизнис секторот, невладиниот сектор и на крај самите млади луѓе. Велам дека власта и надлежните институции се примарно ниво бидејќи тие ја имаат најсилната политичка моќ и потребните ресурси и механизми за воведување и имплементација на економски пакети на мерки кои на национално и локално ниво ќе ја стимулираат младинската вработеност, ќе го поттикнат претприемништвото кај младите преку најразлични канали на финасирање и ко-финансирање, и со тоа ќе го поттикнат учеството на младите како работна сила на пазарот на трудот.
Додека пак, актерите на секундарното ниво ги имаат потребните знаења и алатки кои ќе им овозможат на младите:
1. Да се стекнат со потребните вештини и знаења кои ќе им овозможат подобар, поквалитетен и побрз пристап до работните позиции, соодветни на нивната едукациска и професионална ориентираност
2. Атмосфера која ќе стимулира креативно мислење кај младите и подготовка на нови, иновативни идеи за идни бизниси и (социјални) претприемништва
3. И едно од најважните – обезбедување на помош и поддршка за младите да ги реализираат и имплементираат своите идеи со што ќе се зголеми младинското претприемништво како дел од одржливата иднина кон која стреми нашата држава.
За крај, сакам само да кажам дека се надевам и цврсто верувам дека претходно кажаното нема да биде само обично кажана мисла „одвеана со ветерот“ или изгубена некаде во сајбер просторот, како што е најчесто случајот со повеќето сериозни младински теми кои се отвораат во нашето општество, туку дека ваквите мисли и идеи ќе наидат на слух кај надлежните и истите ќе предизвикаат охрабрување и поддршка за младите вистински да станат дел од процесите и притоа да го најдат своето место во рамките на општествено-политичкиот, економскиот и социјалниот живот, а со самото тоа да бидат значајни фактори при градењето на оваа држава, а не само „фигури на домашен план искористени во другите држави“.
Извор: Радио Слободна Европа