Гугл најави неколку промени и унапредувања во апликацијата „Гугл Мапс“, кои на корисниците би требало да им го олеснат планирањето на патувањата.
Една од промените кои се најавени е можноста да бидат прикажани цените на патарините на избраната рута. Бидејќи патарините знаат да бидат значајна ставка во вкупната цена на патувањето, „Гугл Мапс“ во иднина ќе даваат прецизна проценка на трошоците.
Истовремено, апликацијата ќе нуди и евентуална алтернативна рута на кои нема плаќања патарини.
Новите опции во текот на овој месец ќе бидат достапни за корисниците на Андроид и иОС оперативните системи за повеќе од 2.000 патишта на кои се наплаќа патарина. За почеток новините ќе функционираат во Соединетите Американски Држави, Индија, Индонезија и Јапонија, а нови држави ќе бидат додадени набрзо потоа.
Покрај ова, во навигацијата се додадени и нови детали. На патиштата ќе бидат прикажувани локациите на семафорите и „Стоп“ знаците, како и други сообраќајни сигнализации кои можат да бидат важни за патувањето. Во одредени градови ќе бидат прикажани и ширината на патиштата, како и бројот на сообраќајните ленти. Овие опции ќе бидат достапни за „Андроид Ауто“ и „Епл КарПлеј“ системите.
Некои од новитетите ќе ги добијат само корисниците на иОС. Станува збор за нов „виџет“ кој ќе овозможи полесен пристап до рутите.