Во Шри Ланка снемува лекови, а демонстрантите бараат оставки од власта поради економската криза

Лекарите во Шри Ланка предупредуваат дека имаат недостиг на лекови кои можат да спасуваат животи додека економската криза во земјата се заканува да предизвика поголема смртност од онаа предизвикана од пандемијата со Ковид-19.

Во земјата граѓаните протестираат а веќе неколку недели има рестрикции со струја и недостаток на храна, гориво и лекови што доведе до огромни проблеми меѓу граѓаните, кои се справуваат со една од најлошите кризи по независноста во 1948 година.

Медицинската асоцијација на Шри Ланка соопшти дека сите болници во земјата веќе немаат пристап до увезените медицински помагала и неопходни лекарства.

Повеќе медицински установи веќе ги откажаа рутинските операции поради малата количина анестетици, но од Асицијацијата велат дека наскоро нема да биде возможно да се извршуваат и итните операции.

„Принудени сме да правиме многу тешки избори. Мораме да бираме кој добива лекување, а кој не. Доколку лекарствата не бидат обезбедени во следните неколку дена, смртноста ќе биде многу полоша од онаа од пандемијата“, соопштија од Медицинската асоцијација.

Бесот кај граѓаните предизвика масовни протести на кои бараат оставки на семејството Раџапакса, кои владеат со земјата. Втор ден по ред, и покрај обилните врнежи, демонстрантите се собираа пред канцеларијата на претседателот Готабаја Раџапакса во главниот град Коломбо. Кон повиците за оставка се придружи и бизнис заедницата.

Претходната недела, по масовните протести, оставка поднесоа сите 26 министри во Владата, но не и премиерот Махинда Раџапакса, како и неговиот брат, претседателот Готабаја Раџапакса.

Владата бара спас од кризата, во која има голем раст на цените на храната и обезвреднување на домашната валута, преку финансиски пакет од Меѓународниот монетарен фонд. Новиот министер за финансии пред парламентот најави дека очекуваат 3 милијарди долари од ММФ со кои ќе бидат покриени плаќањата на островската држава во следните три години.

Критичниот недостаток на странска валута ја остави Шри Ланка да се бори со исплаќање на својот растечки странски долг, додека пандемијата ги наруши главните приходи на државата од туризмот.

Економистите, пак, велат дека кризата во Шри Ланка е дополнително влошена од несоодветното менаџирање на властите, погрешни кратења на даноци и акумулиран долг кој се таложи со години.