Збирката раскази „Скопје во високата зона“ од авторката Калина Малеска ќе биде промовирана во кафе-книжарницата „Буква“ на 13 април, среда.
Промоторка на збирката издадена од „Или-или“ е Лидија Капушевска Дракулевска, а промоцијата ќе започне во 20 часот.
Капушевска-Дракулевска објаснува дека збирката се состои од раскази разнородни по структурата и наративните методи, а содржат утописки, дистописки елементи, реинтерпретација на постоечки бајки, лични доживувања, како и слики на специфични моменти од животот.
„Расказите низ четири циклуси, се сосредоточени на различни визии што временски и просторно се шират во и околу Скопје, истражуваат различни потенцијални начини на постоење и доживување на искуствата, како можност за трансформирање на постоечките перспективи и светогледи“, се вели во освртот.
Владимир Мартиновски се надоврзува дека авторката создала еден вид на скопски „времеплов“, во кој низ фикционална призма читателите можат да ги следат не само трансформациите на урбаниот простор, ами и промените на навиките, сфаќањата, меѓучовечките односи, менталитетите, вредносните системи и светогледите на скопјани низ вековите.
Калина Малеска е авторка на три збирки раскази – „Недоразбирања“ (Македонска книга, 1998), „Именување на инсектот“ (Слово, 2008) и „Мојот непријател Итар Пејо“ (Или-Или, 2016), романите „Бруно и боите“ (Слово, 2006) и „Призраци со срмени нишки“ (Слово, 2014), драмата „Случка меѓу настани: Хипатија од Александрија“ (Слово, 2010), книгата за деца „Арно ама“ (Или-Или, 2018) и книжевната студија „Облици на моќ во современата книжевност“ (Или-Или, 2020).
Малеска е професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје, а нејзини статии поврзани за книжевни истражувања се објавени во домашни и меѓународни списанија. Се занимава и со книжевни преводи, а некои од делата што ги превела се „Тристрам Шенди“ од Лоренс Стерн, раскази од Амброуз Бирс и „Волшебникот од Оз“ од Л. Френк Баум.