Војната на Москва против соседна Украина се повеќе го наоѓа својот пат во руските училишта, додека ученици и деца на предучилишна возраст беа регрутирани јавно да изразат поддршка за инвазијата, пишува „Радио Слободна Европа“ (РСЕ).
Во март, градинките и училиштата почнаа да објавуваат различни про-воени активности на социјалните мрежи во масовна кампања која изгледаше координирано. Латинската буква Z, која стана неофицијален симбол на Кремлин за поддршка на војната и која воените критичари ја оквалификуваа како „звастика“ се појави на училишни врати и прозорци.
Студенти во градот Елинсевара во Република Карелија, во средината на март се наместија на снегот во форма на симболот Z за да ја одбележат осмата годишнина од руската анексија на Крим, а многу од нив држеа хартиени руски знамиња.
„Ако децата стојат до знамето, дали е тоа навистина лошо? Тоа не е фашистичка свастика… Да, тоа е поддршка на армијата, но мислам дека треба да ја поддржиме армијата. Мора да одгледуваме патриоти“, изјави директорот на училиштето за РСЕ.
Ученици и деца од предучилишна возраст на 23 март пак, во селото Маиск во регионот Иркутск беа фотографирани како маршираат на снегот во „флеш моб“ перформанс наречен „Не го напуштаме своето“.
Руската инвазија врз Украина започна на 24 февруари, а досега резултираше со илјадници загинати. Истовремено, инвазијата принуди повеќе од 4.6 милиони луѓе да ја напуштат земјата.