Руски суд одреди притвор за уметницата Александра Скочиленко која наводно ги менувала етикетите со цени во супермаркет со пораки на протест против руската воена инвазија врз Украина.
Скочиленко се соочува со десет години затвор за нејзиниот протест откако е обвинета според новиот закон со кој се забрануваат „лажни вести“ против руските воени сили.
Во обвинението против неа се наведува дека таа „ставала парчиња хартија на местата на цените на артиклите кои содржеле лажни информации за користењето на руската војска“ во супермаркет во Санкт Петерсбург на 31 март.
Според медиумските извештаи, Скочиленко направила повеќе етикети на кои пишувале слогани како „Насилството никогаш не е решение“ и слики со симболот на мирот и украинското знаме.
Обвинителството тврди дека мотивот за нејзиниот чин е „политичка омраза за Русија“, што значи дека уметницата би се соочила со построга казна доколку е прогласена за виновна. Казната се движи од 3 милиони рубли (2 милиони денари) до затворска казна од пет до десет години.
Скочиленко во својата биографија на Инстаграм вели дека е независна уметница и музичарка. Таа во март беше казнета со 10.000 рубли (околу 7.000 денари) за протест на 24 февруари, денот кога започна руската инвазија врз Украина.
„Не ја поддржувам војната во Украина. Излегов на улица денес за гласно да го кажам тоа“, напиша таа тогаш на Инстаграм.
Законот против „лажни вести“ наложува руската агресија врз Украина јавно да се нарекува само како „специјална воена операција“. Во спротивно е пропишана максимална затворска казна од 15 години. Ова доведе до затворање на неколку медиуми во Русија.