Во трговските објекти на секој поединечен купувач на масло од сончоглед за јадење ќе му биде ограничена продажбата на мала количина во единечно пакување, соопшти Министерството за економија. Исто така, се препорачува да не се дозволува продажба на масло од сончоглед за јадење во големи количини, пакувани во пакети.
Министерството вчера испратило известување до сите трговци дека поради значајниот пораст на потрошувачка на масло од сончоглед за јадење од домашните купувачи во однос на редовната потрошувачка во домаќинството, како и странските купувачи се нарушува редовното снабдување на домашниот пазар.
„За да се одржува тековната состојба на домашниот пазар со масло од сончоглед за јадење во продавниците и да се избегне пореметувања од непотребна појава на недостаток на масло од сончоглед за кај трговците на мало, ограничувањето по купувач ќе важи до 31 мај 2022 година“, посочуваат од Министерството.
Истовремено, апелираат до трговците на мало да го известат Државниот пазарен инспекторат во случај кога купувач бара да купи поголеми количини на масло од сончоглед за јадење.