Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола (УКЛО) во следниот период ќе добие студентски парк.
Паркот ќе биде во близина на Факултетот за информатички и комуникациски технологии, а вчера на локацијата започнаа активностите за уредување на просторот.
Иницијативата дошла како идеја од студентите, добила поддрша и од Ректорската управа, а потврдена и од Општина Битола. Двете установи договориле заеднички да го финансираат студентскиот парк.
Симона Наумовска, претседателката на Универзитетското студентско собрание на УКЛО оценува дека нивната идеја за студентскиот парк започнува да се остварува и наскоро студентите ќе имаат свое катче за креативно делување, дружење и вмрежување.
„УСС-УКЛО јавно се заблагодарува за укажаната можност при градењето на новиот студентски парк кој воедно е и првиот парк наменет за студентите на сите единици на УКЛО. Овој парк претставува вистинска можност за студентите да имаат различни активности, средби, дружења и најважното од се да имаат поголема колегијалност едни со други“, напишаа од УСС УКЛО на Фејсбук.
Од УСС УКЛО утре организираат еко-акција за чистење на локацијата на студентскиот парк, на кои ги повикуваат сите факултетски студентски собранија од Универзитетот. Акцијата ќе започне во 12 часот.