„Дрворедот на улицата „Васко Карангелески“ ќе биде целосно зачуван, претходниот проект со реконструкцијата предвидувал сечење на дрворедот на потегот на целата улица. Со новиот проект ќе се зачува целото зеленило и ќе се посадат нови 30-тина дрвја“, истакна денеска градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, откако изминатиов период имаше повеќе јавни реакции за сеча на дрвја на „Васко Карангелески“, за каде градското Јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ тврди дека се отстранети само дрвја штетници.
„Првичниот проект на улицата предвидуваше целосно отстранување на над 100-тина дрвја за да може да се изврши реконструкцијата. Се направи промена на планот како да се зачува дрворедот и да се зголеми бројот на дрвја и на овој потег. Дрворедот пред пензионерскиот дом ќе биде целосно зачуван, над 100-тина дрвја стари 100-тина години на овој потег ќе ги зачуваме, а веќе беа пресадени 16-тина здрави дрвја заедно во соработка со Општина Аеродром, истите се веќе пресадени на потегот кај основното училиште Љубен Лапе“, истакна Арсовска.
Според Арсовска, отворањето на оваа улица и да се реконструира овој потег е на барање на голем број граѓани кои гравитираат на овој потег и голем број на јавни објекти кои, според неа, „се во интерес на граѓаните и со кое решение би се растеретил сообраќајот на овој потег“.
„Вредноста на улицата е 77.5 милиони денари, а рокот за изградба на улицата во должина од еден километар е 2023 година, чија реконструкција ќе биде и реализирана од страна на Градот Скопје, добиваме голема поддршка од граѓаните за реконструкција на улицата и со новата промена на проектот успеавме да направиме заштита на дрвјата“, истакна Арсовска.
За сечењето на дрвјата, директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ангеле Сотировски вели дека од Градот и од претпријатието извршиле увид и проценка, според која само диво израснатите дрвја штетници биле отстранети.
„Поврзано со сечењето на 10-те дрвја мораме да потенцираме дека тоа се десет диво израснати дрвја, кој што беа на неодредена површина. Морам да напоменам дека се’ што е сечено претходно е по налог на претходната градска власт. Пред да бидат исечени овие дрвја, екипи излегоа на терен за проценка и мора да се знае дека покрај тоа што тие дрвја се диво израснати имаат и специфична коренова структура и имајќи предвид дека станува збор за кисели дрвја кои се штетници и имајќи предвид дека тука минува подземната инсталација, едноставно не можеше да бидат пресадени“, рече Сотировски.
Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски вели дека измената на проектот на „Васко Карангелески“ значи многу за граѓаните на оваа општина, дополнувајќи дека „апсолутно се спасува дрворедот“. Исто така, истака дека во последните неколку месеци, од месец ноември, на територија на општина Аеродром имаат над 400 нови садници.
Радио МОФ веќе пишуваше за револтот на локални граѓани од Аеродром и активистите на Зелен Хуман Град (ЗХГ), кои алармираа за сечење на дрвја на „Васко Карангелески“. Тие побараа жителите да направат блокада за да се сопре сечата. На местото на сечата, Марјан Калевски од ЗХГ минатата недела кажа дека работниците имале решение за сеча на 14 дрвја, и посочи дека потоа „испадна дека тоа решение не било издадено по согласност од кабинетот на градоначалничката“.
„Според решението, само дрвјата што се од оваа страна на училиштето требало да се расчистат, теренот, да се проширува улицата, а од претходното раководство беше дизајнирано дека треба да се пресечат уште два дрвореди од другата страна на улицата. Тие сега нè уверуваат дека нема да се сечат. Остана само уште едно дрво што успеавме да спречиме да го исечат, ни рекоа дека тоа треба да се премести“, рече Калевски.
Сеча на дрвја на „Васко Карангелески“ во скопски Аеродром – граѓани негодуваат
Бојан Шашевски