Граѓани, пријатели и семејството на младата Викторија Николова која загина во сообраќајна несреќа на 20 јануари кај „Сити Мол“ денеска излегоа на протест пред Кривичниот суд во Скопје, откако возачот кој ја усмрти Николова доби три годишна затворска казна.
Сестрата на Викторија, Лилјана Николова од пред Кривичниот суд изјави дека денеска бараат „повторно и повторно правда“, за неправедната пресуда и за целата неправда, која, како што кажа, „ни беше нанесена и сè уште ни се нанесува“.
„Овој протест е уште еден кренат глас до ова судство, до оваа неправдина која не боли до коска и оваа пресуда од судијката Љубинка Бошевска. Како да не сме луѓе, како да нè нема, како да се кријат во нивните удобни фотелји, а трњата ние ги газиме, ние патиме, ние губиме и човек и правдина и надеж. Бараме правдина за нашата сестра, ќерка, девојка, другарка, бараме нова пресуда со реални очекувања, зошто нема да запреме овде. Доста беше оваа тортура и ова лудило“, рече Николова.
Таа побара да се чуе нивниот глас, затоа што најави дека за нивното „непрофесионално работење“ ќе слушне целиот свет.
Адвокатот на семејството на Викторија, Владимир Михајловиќ рече дека на предметот за кој се расправал за смртта на Викторија и повредениот Леонид Даов, успеале да видат дека тука не се битни ниту законите, ниту дека некој бара правда, а ниту дека има владеење на правото.
„Затоа, за жал на улица бараме да се слушне гласот на народот, затоа што пред 80 дена беше Викторија, утре може да биде секој од нас“, рече Михајловиќ.
„Во законски рамки, така поставен обвинителен акт, каде што делото се окарактеризирува со умисла, кадешто казната е од 4 до 20 години, кадешто нема ниту еден процент придонес на пешаците, по она што е вештачење, по она што е видео снимки, по она што е прибрано како докази, ние имаме казна под законскиот минимум“, посочи Михајловиќ.
Оттука, тој рече дека тоа е апсолутна неправда и сметаат дека Апелација треба да го слушне гласот на народот, но и да ги види доказите во постапката.
„Обвинителството го има овој предмет одработено максимално добро во рамките на законот и не е само неправдата кон Викторија, ова е неправда апсолутно кон сите, непочитување кон институцијата обвинителство, непочитување кон она што го нарекуваме цело време правда, владеење на правда. Оваа порака не е само за Викторија, ова е порака за сите, ова е порака затоа што тие 8% кажани од институциите за довербата во судството денес, денес, односно по изреката на пресудата станаа 0%. И тука доаѓаме секојдневно, ние особено како адвокати, проблем е како да се бориме за правдината на странките, кога некој друг целосно ја стопира“, рече Михајловиќ.
Обвинителството вчера ја обжали пресудата на Кривичниот суд, а Михајловиќ одговарајќи на новинарско прашање вели дека олеснителните околности кои се земени предвид за пресудата се, како што рече, небулозни и смешни.
„Олеснителни околности затоа што си млад, мислам дека е повеќе од смешно. Имаме примери позитивни каде што од настапување на последиците, во оваа ситуација од смрт, обвинетиот бил цело време со семејството, помагал при сите тие процедури кои ги имаат, и за погреб, не бара никој тука, ни имаат потреба фамилијата од тие средства, но зборуваме за нешто што дефакто е момент на каење, затоа што бил од, до пресудата заедно со семејството. Овде имаме 15 секунди каење и амнестија со дефакто ослободителна пресуда 3 години која знаеме како со тек на време може да се преполови“, додаде Михајловиќ.
Од Апелациониот суд очекува повисока казна во рамки на законот, а Михајловиќ додаде дека целата постапка била во мирен процес и ќе остане така, затоа што, како што рече, мора да веруваме во правда.
„Еве, ја немаме во првиот дел на постапката, затоа апелираме, Апелација реално да ги погледне сите факти, околности, да ја види страната на оштетените, а не да стане обвинетиот одеднаш жртва и да пресуди така што истата пресуда ќе биде превенција за следни такви немили настани по улиците на Македонија“, порача адвокатот на семејството.
Семејството заедно со граѓани и активисти веќе одржаа протест кај „Сити мол“, десет денови откако Викторија го загуби животот. Носејќи црни маици со нејзиниот лик, побараа да престане сообраќајното насилство, а властите да преземат сериозни мерки и да се спроведуваат построги казни.
[Фото] „Застани и пропушти, не убивај“ – одржан протест против сообраќајното насилство
Мартин Колоски