Мигрант без документи во Белгија се бори да го докаже својот идентитет за да ја добие наградата од 250.000 евра која ја добил на лотарија, јавува „Евроњуз“.
Младиот Алжирец го купил добитниот лоз за 5 евра пред неколку недели во супермаркет во Зебруг, но не може да ја подигне својата добивка.
Адвокатот на Алжирецот, Александар Верстраете, за новинската агенција „АФП“ изјави дека неговиот клиент очајнички работи на докажување на својот идентитет на белгиските власти.
„Мојот клиент е во нелегална ситуација, нема документи и нема банкарска сметка. Ги бараме тие документи кои можат да го докажат неговиот идентитет, тој ќе мора да контактира со семејството во Алжир“, рече Верстраете.