На гумите за џвакање им требаат и до 1.000 години за да се разградат во природата, а ги фрламе насекаде

Гумите за џвакање се едни од најкористените наменски супстанци од страна на човекот. Ги користиме за да се ослободиме од лошиот здив кога јадеме зачинета или храна со необичен мирис, децата го вкусуваат слаткиот, овошен вкус, а гумите за џвакање помагаат и за полесно варење на храната. И покрај овие бенефити и слатки уживања што се јавуваат како придобивки, гумите за џвакање не се еколошки и пријателски настроени кон природата, всушност нивната густа „вегетација“ на улиците не е воопшто добар знак и постојано ѝ наштетува на животната средина, пишува веб-сајтот Aspiration во својата статија за процесот на разградување на гумите за џвакање, а пренесува агенцијата Мета.

Овие супстанци се појавуваат уште 300 години п.н.е за време на владеењето на Маите, кои ги употребувале за намалување и спречување на гладот, а нивната најголема популарност ја достигнуваат во 19 век кога големиот индустријалец Вилијам Вригли Џуниор правел големи и успешни реклами за својот производ дотолку што на секое дете во САД, на неговиот втор роденден, компанијата на Вригли му испраќала гумени стапчиња за џвакање. Понатаму, за време на Втората светска војна гумата за џвакање била клучен дел од оброците на војниците шти им помагало полесно да се сносат со својот стрес, глад и жед.

Состав на гумите за џвакање

Нивната голема популарност и масивна употреба довела до снемување на природниот ресурс „чикл“ (природна гума што се собирала од дрвјата уште од времето на Маите) и тоа ги навело производителите да почнат да бараат замена за чиклот во синтетички состојки.

Денес, гумите за џвакање или познати и како мастики во својот состав најчесто содржат петрохемикалии, односно восок, пластика и синтетичка гума што им дава еластичност и ги прави лесни за џвакање. Дополнително, на истите им се додаваат природни и вештачки вкусови, антиоксиданти и глицерол што ги одржуваат свежи подолго време, а засладувачите прават да се задоволи апетитот.

Сите овие состојки се комбинираат во сигма миксер и се замесуваат во тесто што има иста конзистентност и густина како лебот. Тестото се размесува во потенки „листови“ кои подоцна се сечат на мали коцки, се ладат и пакуваат. Состојките од кои се прават денешните гуми за џвакање се доволно застапени што не постои закон кој наложува дека е потребно да се забележи дата за рок на употреба на амбалажите во кои мастиките пристигнуваат до луѓето.

Разградливост и рециклирање

Гумите за џвакање не се биоразградливи супстанци. Поголемиот дел од нив се составени од поливинил и полиизобутелин кои се отпорни на природно разградување. Некои истражувања покажуваат дека се втори по пикавците од цигари за неразградување, со тоа што и двете се направени од пластика што не може да биде уништена од природните живи организми, бактериите.

Од тоа може да се заклучи зошто нивната застапеност насекаде по улиците е толку голема, иако бактериите не се единствениот пример за организми што не можат да ги разградат овие пластични супстанци. Пример е човекот кој и покрај бројните сокови и ензими во дигестивниот систем не успева да ги разгради целосно. Најчесто ги исфрламе преку столицата, а во неретки случаи тие заглавуваат во правото црево (ректумот) и потоа е потребна медицинска интервенција, бидејќи гумата не може да се исфрли по природен пат.

За да започне самостојно да се разградува и целосно да се разгради гумата за џвакање потребен е период од 5 до 1.000 години и тоа само под дејство на силните УВ зраци од сонцето. Знаејќи го овој факт, научниците наместо да чекаат гумата сама да се разгради, веќе испитуваат начини на нејзино рециклирање и давање на уште еден живот.

Постојат одредени компании кои се бават со рециклирање на гуми за џвакање како „Терасајкл“ што спроведува проекти за колектирање на гуми за рециклирање во Европа, САД и Мексико. Компанијата „Гам Дроп“ се занимава со рециклирање на гумите што ги има на моливите, фризби и хартиените и пластични чаши за кафе.

Еколошка штета

За жал, напорот за рациклирање на гумите не е доволно раширен низ светот за да го спречи своето влијание врз природата. Според некои проценки, на Земјата веќе има 250.000 тони отпад формиран од гуми за џвакање.

Птиците, глодарите, рибите и други животни честопати ги мешаат со храна и ги проголтуваат по што телата им се полнат со токсини, им се затнуваат дигестивните системи, а во некои случаи тоа предизвикува смрт кај дивите птици.

Исто така, додека сонцето ја разложува гумата во микропластични остатоци се зголемува ризикот тие да влезат во океаните и морињата и да го нарушат синџирот на исхрана на морските животни.

Тие предизвикуваат и загадување на воздухот што кај човекот може да предизвика болести како астма, канцер или нарушувања во ендокриниот систем.

Некои истражувања покажуваат дека нивното постоење во средината и постојаното вдишување на хемикалиите од кои се составени влијае и врз репродуктивниот систем кај човекот. Ако редовоно се џвака гума направена од вештачки состојки може да се појават дефекти и намален број на сперматозоиди кај новородените машки бебиња.

Еколошки гуми за џвакање

Некои производителни компании веќе започнаа со враќање на стариот процес и состојки како чикл како што биле правени гумите за џвакање претходно, па се препорачува купување и консумација на мастики од овие компании. Процесот на природно разградување кај овие мастики трае две недели. Купувањето на мастики од овие компании може значително да ја намали нивната застапеност како нееколошки отпад во природата.

Друг, поефикасен, едноставен и евтин начин да се справиме со бројните гуми за џвакање на улиците, коишто чекаат некој да нагази над нив и да останат залепени или кои чекаат да поминат илјадници години за да се распаднат, е да не ги фрламе насекаде туку уредно во корпи за отпадоци, а кога имаме можност и во специјализирани рециклирачки отпадни канти за гума.

Мета