Документарниот филм на БИРН, кој зборува за шест млади луѓе што патувајќи низ поранешна Југославија откриваат како конфликтот на овие простори влијаел врз нивната генерација, неделава ќе ја има својата премиера, објави Balkan Insight.
Новиот документарен филм “Мнозинството почнува тука“, оваа недела ќе биде премиерно прикажан во регионот, а првата премиера е закажана во среда во Скопје и Сараево. Во Скопје, филмот ќе биде прикажан во Кинотеката на Македонија во 20:00 часот. Потоа ќе следи премиера во Белград закажана за во четврток, на 2-ри октомври ќе биде прикажан во Приштина, на 3-ти во Загреб, а на 7 октомври во Нови Сад.
Филмот зборува за шест млади луѓе од шест земји од поранешна Југославија, што патуваат низ регионот, откривајќи како конфликтите од минатото, кога биле премногу млади за да ги разберат во целост, влијаеле на нивната сегашност, но, и иднина.
На патот, тие лице в лице се среќаваат со некои од сеништата на минатото: осиромашени воени бегалци, воени ветерани и тврдокорни националисти.
Тие откриваат како националистичките идеи што довеле до војна, се рефлектирале врз економијата во регионот, врз културата, па дури и врз архитектурата, но, и како може да се развие вистинска толеранција и помирување во места кои преживеале насилство и разделување.
Директорката на БИРН, Гордана Игриќ, вели дека идејата за филмот била да се дознае колку помладата генерација знае за блиското минато и дали тие веруваат дека за овие конфликти треба да се дискутира или да се тргнат настрана за доброто на иднината.
И покрај некои вознемирувачки сознанија што ги имаа во текот на своето патување, сепак пораката е позитивна: „Тие сфатија дека поделбите меѓу луѓето сѐ уште се многу силни, но, не земаат оружје за да го решат проблемот“, рече Игриќ.
„Мнозинството почнува тука“ е снимен во продукција на БИРН, а во режија на Лоде Десмет, кој повеќе пати е наградуван за својата работа. Во 2006 година, Десмет и БИРН го снимија документарниот филм “Дали некој има план“, посветен на идниот статус на Косово.
Документарецот е дел од проектот Балканска транзициска правда на БИРН, за подобрување на јавното разбирање за прашањата на транзициската правда во Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.