„Со ‘Филмотопија’ на најдобар можен начин ја заокружувам трилогијата посветена на филмот, тој термин толку типичен во поновата историја на седмата уметност. Со трите книги ја покривам речиси целата македонска продукција, но и она што како новина и тенденција се случуваше на светски план во новиот милениум“, вели Игор Анѓелков, кој денеска ја објавува третата книга со филмска есеистика „Филмотопија“, по „ФИЛМ.МКД“ (2015) и „Филмски град“ (2018).
Книгата е во издание на „Или-Или“, а Анѓелков објаснува дека таа е поделена на неколку поглавја, во кои преку осврти и рецензии дава увид во она што во изминатите неколку години (практично, од неговата втора книга па наваму) се случуваше на филмски план кај нас и во светот.
„Во првиот дел продолжувам онаму каде што застанав со текстовите за актуелната македонска продукција во 2018 година и ги покривам речиси сите домашни филмови што излегоа во меѓувреме. Во следните две поглавја се осврнувам на внимателно избраните филмови од европската и од светската продукција, кои во изминатите неколку години ги освоија срцата на филмофилите. Мојот ангажман во филмот веќе неколку години е крунисан со членство во најстарата меѓународна организација на филмски критичари, и пред крајот од ‘Филмотопија’ го пренесувам искуството од гостувањата на неколку фестивали како член на ФИПРЕСЦИ-жирито“, посочува Анѓелков.
И на крајот, за вистинско заокружување на една ваква книга за филмски сладокусци, се одлучил за завршно ретро-поглавје во кое се слави работата на, според многумина, најдобриот филмски автор во 20 век, Алфред Хичкок.
„Со тоа го финиширам и ова филмско патување насловено ‘Филмотопија’, во кое филмот е слатка утопија што нè води на некои други, поинакви, поубави и повозбудливи места, далеку од реалноста, која станува сè посурова. Се надевам дека овие изданија претставуваат драгоцен издавачки придонес кај нас, особено ако знаеме дека вакви книги што на особен начин ја третираат филмската уметност се вистинска издавачка реткост“, посочува Анѓелков.
Инаку, Анѓелков филмската уметност активно ја третира во медиумите од 90-те години, преку рецензии во различни дневни, неделни и месечни весници, потоа, како автор на филмската радио-емисија „Redrum“ на Канал 103, а го водеше и филмскиот магазин „Филмополис“ на ТВ „Телма“, емитуван од 2003 до 2014 година.
Бил член на жиријата на неколку домашни фестивали, а од 2019 година започнува и неговата активност како член на најстарото здружение на филмски критичари во светот, ФИПРЕСЦИ, со учество и на меѓународни фестивали. Во последниве години е селектор на филмовите во официјалната програма на Филмскиот фестивал на дебитантски филм „КинеНова“.
За „ФИЛМ.МКД“ ја доби државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“. Анѓелков е автор и на прозните книги, збирката раскази „Кротки приказни“ (2006) и романите „Крај-пат“ (2010), „Фото синтеза“ (2013) и „Шрапнел“ (2020).
Бојан Шашевски