Во Младинскиот културен центар на 26 април, вторник, од 19 часот ќе се одржи промоција на стихозбирката „Сонцестој“ од Катерина Гогова.
„Сонцестој“ е во издание на МИ-АН, промоторка е Снежана Стојчевска, а стихови на настанот ќе читаат Биљана Стојановска и Елена Митреска.
Промоторката Стојчевска за „Сонцестој“ пишува дека е синоним за астрономска појава, која е дефинирана од однесувањето на сонцето дури Земјата се врти околу него и нејзината замислена оска.
„Па така постојат зимскиот сонцестој или најдолгата ноќ во годината и летниот сонцестој, односно најдолгиот ден во годината. Во првиот циклус каде што темницата стои на другата страна, насловот е речиси предупредување, читателот треба смело да ја прегрне ноќта, која покрај тоа што е најдолга ќе му открие вистини на кои не е лесно да им се погледне во очи, но само тогаш доаѓа вистинската катарза. Вториот циклус е асоциран со најдолгиот ден, ама ниту тој не е целосно светол дури и на оние места во светот каде што на полноќ може да се забележи сонцето на небото. Овде копнежот за полноќното сонце им ја наклонува добрината на боговите на љубовниците, на исток се раѓа песна, а сонот уште тивко спие.
Сонцето како појдовна, но и централна тема во оваа книга е всушност инструмент со кој се мери течението на времето. Дуалната природа на сонцето и спрегата на спротиставени енергии што во себе ги носи, се две страни на една паричка, денот и ноќта, зората и залезот, животот и смртта, црното и белото, јин и јанг итн. Веднаш може да се насети сензибилитетот на нејзината поезија, лирична, нежна, медитативна, во исконски склад со природата, длабока, искрена и свежа. Гогова со оваа книга докажува дека веќе е зрел, изграден и препознатлив поетски глас. Континуитетот на нејзиниот поетски израз доживува градација и се развива во нагорна линија на квалитет и мајсторлук на поетскиот занает, што го прави читањето на нејзините книги вистинско поетско уживање“, пишува Стојчевска за книгата „Сонцестој“.
Катерина Гогова е авторка на стихозбирките „Актите се кастрирани“ (Современост, 2018) и „Пад во немирна вода“ (Дом на културата „Кочо Рацин“, 2018) со која станува десетти носител на признанието „Бели мугри“ за 2018 година, кое го доделува Дом на култура „Кочо Рацин“ во Скопје.