На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 10 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
1.Просветните работници во генерален штрајк – за министерот тоа треба да биде последен чекор
Училишниот двор и зграда во Основното општинско училиште „Стив Наумов“ во скопска Автокоманда денеска останаа прилично празни и без секојдневната глетка на бројните ученици. Единствени во училишната зграда беа техничкиот персонал и наставниците.
Причината за ова е генералниот штрајк кој го започна Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) во градинките, основните и средните училишта, чие главно барање е усогласување на платите во просветниот сектор со минималната плата која беше донесена во февруари.
2.[Галерија] Пожарот кај „Треска“ е локализиран, Арсовска индицира на подметнување
Пожарот кој избувна кај поранешната фабрика за мебел „Треска“ е локализиран, а градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска од лице место искажа сомнение за лица кои можеби го подметнале.
„Сакам да кажам дека од индициите коишто ги имаме најверојатно се работи за пожар кој што е отпочнат на овој потег, со сомнение дека има лица кои го подметнале, тоа е информација која што ја добивме и од соседите коишто живеат тука непосредно. Тие виделе лица на овој потег и искрено се надевам дека институциите ќе преземат сè што е можно во нивна надлежност и да не се дозволи граѓаните да бидат во опасност“, истакна градоначалничката.
3.Сензорните соби без обучен кадар се само игротеки
Сензорни соби изминативе години почнаа да се прават во склоп на училишта низ Македонија, особено преку донатори и проекти, со цел да се овозможи простор за децата со атипичен развој. Собите се чекор кон поинклузивно образование, но искуствата покажуваат дека недостасува обучен кадар кој знае да работи со собите, а со тоа и со децата.
Истовремено, сензорните соби се само парче од инклузивниот мозаик, па и државата, и самите училишта треба да размислуваат за дополнителен буџет и структурно приспособување во школите, па да може да зборуваме за целосна инклузија и еднаков пристап за секој ученик.
4.Град Скопје конечно ги објави резултатите од Јавниот повик за култура, дел од културните работници незадоволни
Бројни реакции предизвика овогодинешниот Јавен повик на Град Скопје за финансирање на проекти од областа на културата. На социјалните мрежи деновиве можеа да се најдат објави поврзани со повикот – од незадоволни кандидати, па до реакции за тоа зошто се кријат добитниците на средствата.
И покрај барањата на јавноста, Град Скопје неколку дена молчеше на барањата од јавноста да ги објави финанираните проекти, и покрај тоа што во самиот повик пишуваше дека резултатите мораа да бидат јавни.
На 12 април, трагичната приказна на Тони Сали доби разрешница и „спора правда“. Врховниот суд одлучи да ја усвои поднесената ревизија во полза на деветнаесетгодишникот без лични документи, кој цела деценија пред македонските судови се обидуваше да го докаже својот идентитет и да добие основни права.
Македонската јавност минатата година дозна за Сали, кој почина во својот дом без да ја дочека правната разрешница на неговиот случај. Тој беше одличен ученик, кој образованието го добиваше преку Конвенцијата за правата на детето и постхумно доби награда од Град Скопје за матурант – првенец на генерација.
6.Продавачите на книги на скопскиот кеј со рок да ги ослободат куќарките, Градот ќе распишува нов јавен оглас
Продавачите на книги на скопскиот Кеј „13 ноември“ добија известување до 21 април да ја ослободат јавната површина, односно куќарките од предметите кои ги продаваат. Одлуката ги вознемири „староседелците“, а од Град Скопје попладнево соопштија дека ќе биде објавен нов јавен повик за користење на куќарките, бидејќи противправно се користеле четири години.
Кога го посети Радио МОФ кејот, немаше голема раздвиженост, а можеа да се забележат само две отворени куќарки од вкупно девет. Во една од нив, на исто место беа собрани тројца продавачи. Во разговор за Радио МОФ тие велат дека на кејот веќе девет години продаваат книги, а очигледно беше дека бараат одговори за тоа што ќе прават во иднина, по известувањето на градот.
7.[Видео] Јасно и Гласно: Истражувачко новинарство во „делумно слободна“ земја
Во моментите кога јавноста е затрупана со партиски соопштенија, дезинформации, „клик-бејт“ наслови на социјалните мрежи и вистинска експлозија на портали кои презентираат сè само не добро новинарство, ретки се светлите примери на новинари кои расветлуваат теми кои моќниците сакаат да останат скриени, професионалци кои се жртвуваат за вистината и се обидуваат да го одбранат јавниот интерес.
Со Ирена Каревска и Ивана Настеска, две млади новинарки кои изминатиов период ги добија највисоките признанија во Македонија за истражувачко новинарство, во новата епизода на „Јасно и Гласно“ разговараме за проблемите и предизвиците во нивната работа, но и за тоа на кое ниво е новинарството во земјава.
8.„Повторно и повторно бараме правда“ – протест пред Кривичен против пресудата за возачот кој ја усмрти младата Викторија
Граѓани, пријатели и семејството на младата Викторија Николова која загина во сообраќајна несреќа на 20 јануари кај „Сити Мол“ денеска излегоа на протест пред Кривичниот суд во Скопје, откако возачот кој ја усмрти Николова доби три годишна затворска казна.
Сестрата на Викторија, Лилјана Николова од пред Кривичниот суд изјави дека денеска бараат „повторно и повторно правда“, за неправедната пресуда и за целата неправда, која, како што кажа, „ни беше нанесена и сè уште ни се нанесува“.
9.[Интервју] Бранка Џајковска: Сензорните соби нудат дополнителна поддршка, не се замена за училница
„Сензорните соби не се замена за училница, туку се простор во кој ученикот може да добие дополнителна поддршка. Училницата е, и треба да остане примарно место за развој и образование на учениците, вклучително и учениците со попреченост. Во рамки на училницата треба да се тежнее не само кон присуство на ученикот, туку негово суштинско вклучување и во наставата и во природната динамика и социјален живот на таа одделенска заедница. Сензорните соби се дополнителни простории од кои придобивка имаат учениците со попреченост, но и сите ученици кои во некој момент може да имаат потреба од индивидуална работа и образовна поддршка.
Во сензорните соби кои ние ги опремуваме има елементи кои се од голема корист за ученици со интелектуална попреченост, со хиперактивно однесување, ученици од аутистичниот спектар, деца кои имаа проблеми со моториката и слично“, вели во интервју со Радио МОФ Бранка Џајковска, проектен менаџер на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.
10.Лука Јованоски преку „Vagina Corporation“ порачува „Време е!“
„Време е!“. По безброј седенки на и околу „сепариња“ во Градски парк, по шутки на концерти во МКЦ, по постојано другарување и музицирање со бандата „Луфтанза“ по гаражи и свирки, време е и за личен, експериментален и автентичен рокенрол соло продор на Лука Јованоски.
„Време е!“ всушност е името на новиот албум на овој млад музичар, кој овој пат спакува музички пакет аранжман од шест песни за масовно консумирање, под името на проектот „Vagina Corporation“. Во албумот негови се целосно инструментите, вклучува и свој вокал, а како дополнителни вокали се појавуваат и Андреј Димовски, Бојана Мицеска и Добрила Грашеска.