Штрајкот во основните и средните училиштата и градинките во земјава продолжува и утре. Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска на прес-конференција информираше дека понудата од Владатa за зголемување на платите во образованието и детската заштита за 10 отсто е неприфатлива.
Според Јаким Неделков, претседателот на СОНК, ваквиот предлог бил неприфатлив за над 95% од синдикалните организации што ги застапува СОНК, бидејќи не соодејствува со зголемувањето на минималната плата во државата и не придонесува за враќање на достоинството на професијата.
Исто така, членовите на СОНК реагираат на, како што рече, несериозниот пристап на надлежните кои скоро два месеца преговараат со претставници на СОНК, а реално не давале никаков конкретен предлог на нивните доставени писмени барања.
„Членовите на СОНК констатираат дека ваквиот пристап од страна на Владата не води во правец на брзо решавање на проблемот и прекинување на штрајкот“, истакна Неделков.
Освен барањето за усогласување на платите по однос на покачување на минималната плата, Советот на СОНК, како што посочи Неделков, доставил и други барања за склучување на нови колективни договори, за кои вели дека воопшто не е ни преговарано.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири претходно денес преку Фејсбук објави дека најдобриот интерес на децата треба да е прво место, бидејќи, вели тој, правото на образование на секое дете е уставно загарантирано право.
„Губењето на настава во услови како оваа пандемија, кога владата и Министерството за образование и наука, направи максимални напори да го нормализира образовниот процес, не оди во прилог никому, најмалку на учениците. Затоа ги повикувам наставниците од основните и од средните училишта да ја продолжат наставата, учениците да се вратат во училиштата, таму каде што припаѓаат. Ова е потребно најмногу како поддршка на вашите ученици во еден многу важен дел од нивниот живот“, напиша Шаќири меѓу другото.
Според него, наставниците се потребни овој период кога се се подготвуваат за продолжување на образованието во средните училишта, за полагање на стручни испити и за државната матура, од што зависи нивната понатамошната образовна иднина и запишување на факултетите во земјава и во странство. Исто така, синдикатот треба да има верба во институциите, бидејќи, како што пиша, и претходно низ партнерски дијалог било постигнато зголемување на платите на вработените во овие сектори за 21 процент.