Во Културно информативниот центар – Скопје денеска, 18 април, од 19 часот ќе се одржи концерт на Злата Тошевска (сопран) и Маја Божиновска (пиано).
На програмата ќе бидат дела од Бах, Хендел, Глук, Брамс, Хендел, Глук, Брамс, Малер, Штраус и Зографски.
За Злата Тошевска, музичката критика ќе каже: „Тошевска има топол спинтов глас кој ве води назад во златната ера на оперското пеење, поткрепен со неверојатна музикалност и сценичност“.
Во 2017та год. таа магистрира на отсекот по оперско пеење на Академијата за Музичка, Танцова и Ликовна Уметност во Пловдив- Р. Бугарија во класата на м-р Лилија Илиева. Својот талент, техника на пеење и актерска игра ги усовршува со учество на над 13 мастеркласи и летни академии. Во 2019 год., таа е наградена со највисоката стипендија „Emerging Artist“ од Premiere Opera Vocal Arts Institute, каде учествува на 4 неделна академија по оперско пеење и актерство во Трани- Италија, каде работи со светски познатиот сопран: Барбара Фритоли, вокалниот педагог на подмладокот на „Метрополитен“: Мајкл Пол, вокалниот педагог на Елина Гаранча: Дејл Фандлинг и диригентот од „Ла Скала“: Бруно Николи. Настапува на еминентни гала оперски концерти и значајни манифестации каде соработува со афирмирани диригенти.
Тошевска е активна и на концертната сцена. Остварува многубројни солистички концерти во државата и надвор од неа, а како еден од позначајните се вбројува солистичкиот концерт во ноември 2021ва во САД- Њујорк во македонскиот Културно Информативниот Центар. Во јуни 2022 ќе настапи со свој солистички концерт во Истанбул во соработка со здружението „Истанбул Филхармони“, концерт кој е поддржан од Министерството за Култура и КИЦ Истанбул.
Пијанистката Маја Божиновска е уметник која својата кариера ја гради со висок професионализам преку настапи на домашни и странски музички подиуми. Дипломира на ФМУ – Скопје во класата на проф. м-р Тодор Светиев, а во 2015 година е избрана за активен студент на мастеркласите по пијано раководени од пијанистката Лилја Зилберштајн во реномираната Academia musicale Chigiana во Сиена- Италија, каде реализира и свој настап на летниот музички фестивал Chigiana International music festival- Il Classico Inatteso – Siena. Соработка со Лилја Зилберштајн продолжува на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, под чие менторство запишува магистерски студии кои ги заокружува во 2017 година.
Уметничкиот израз го надградува на мастеркласи со светски познатите пијанисти Елена Дикова (Бугарија), Роберт Лербаумер (Австрија), Ендре Хегедус (Унгарија), Луле Елези (Косово), Јаромир Клепач (Чешка), Алексеј Володин (Русија), Лилја Зилберштајн (Русија).
Од 2015 год. работи како наставник во Државното музичко училиште во Битола, каде со своите ученици остварува значајни резултати.