Претставници од „Билка“, „Знам“, ХОПС, Хелсиншкиот комитет и Асоцијацијата на производители при Стопанска комора, здружени како „Операција ослободување“, денеска јавно испратија краткорочни барања со кои бараат одглавување на процесот на легализација на канабисот.
Здруженијата побараа средба со премиерот Димитар Ковачевски, средба со министерот за правда Никола Тупанчевски и повторно отпочнување на работата на работната група при Владата. Дополнително, најавен и е протест доколку во рок од еден месец не се исполнат барањата.
Ваквите барања доаѓаат откако изминативе години канабисот остана „заглавен“ во Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, иако граѓанските организации уште од старт бараа одделен, посебен закон што ќе го третира и регулира канабисот.
Владата лани во мај формираше работна група за регулација и употреба на канабисот, каде се вклучени повеќе министерства и граѓански здруженија. Во работната група беше утврдена потреба да се дозволи, освен лекарите од јавното, и лекарите од приватното здравство да можат да препишуваат препарати од канабис. Понaтаму, беше утврдено да се дозволи пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис – сам да може да одгледува и користи канабис во форма која според здравствената состојба најмногу му одговара.
Согласност имаше за да се прошири листата на специјалистичките гранки во кои канабисот може да се препорачува како лек, прашање кое треба да се регулира со прописи од областа на лековите. Работната група за канабис ги дефинираше поимите декриминализација, легализација и депенализација. Донесе и заклучок за изработка на компаративна анализа на моделите во 10 различни земји од регионот. Исто така, од Владата лани рекоа дека очекуваат измени на Кривичниот законик, со кои експлицитно ќе се потврди со јасна формулација дека личната употреба не е кривично дело, односно дека во затвор не може да оди оној кој за лична рекреативна или медицинска употреба консумира канабис.
Инаку, на денешниот настан во „Излет“ имаше и промоција на монографијата „Конопот во Македонија“ од Влатко Деков. Промотор на монографијата беше Ирена Цветковиќ.
Според Деков, откритијата во Пиринска Македонија пронајдени во езерото Долгото на Пирин Планина кои датираат од пред 10 200 до 8 500 години се најверојатно првите документирани случаи на присуство на коноп во Европа.
Бојан Шашевски