Национална стратегија за дигитализација на образованието, електронска можност за плаќање школарина, барање потврди, положени испити и слично, бесплатен интернет на факултетите, како и посебна ставка за дигитализација во буџетот. Ова се дел од препораките кои произлегле од анализа на стратешки документи на Владата, Министерството за образование и наука, Универзитетот „Кирил и Методиј“ и Националниот совет за високообразование. Препораките пак, се вметнати во документот за јавни политики „Дигитализација во високото образование – можности и предизвици“ кој го подготви Младински образовен форум (МОФ).
По анализа на документите, од МОФ посочуваат дека во рамките на Владата се предвидува Национална стратегија за дигитализација на образованието во следните 3 години, меѓутоа таа, како што рекоа сè уште не е достапна за јавноста.
„Во однос на МОН, во нивните стратешки документи нагласено е дека веќе една година студентите можат електронски да аплицираат за стипендија, за да не мора да чекаат редови. Мора да се нагласи дека последниве две години воведена е идејата за електронски учебници која пак, наиде на отпор на јавноста, од причини што не секој студент има свој персонализиран лаптоп“, рече Јоана Тренеска од МОФ.
Што се однесува на УКИМ, Тренеска вели дека тие особено се осврнале на подобрување на опремата и просториите на факултетот, инвестиција во информациски и комуникациски технологии и нови технологии за учење на далечина. Националниот совет за високо образование пак, Тренеска вели дека се залагаат за инвестиција во ИКТ средства и препознаваат дека треба да се намалат административните процедури со кои студентите секојдневно се соочуваат.
Оттука, потребно е да се направи Национална стратегија за високото образование, посочува Тренеска, додавајќи дека иако таа се најавува од 2020 година, сè уште не е достапна за јавноста.
„При изготвување на таква стратегија мора да има работни групи во кои ќе учествуваат сите засегнати страни, и тоа административниот кадар на факултетите, наставниот и студентите, како и Владата. Морам да дадам фокус колку е важно студентите да се вклучени во процесот. Ќе дадам пластичен пример, кога го правевме проектот, пробувавме да дојдеме до некои иновативни идеи кои би помогнале на студентите за дигитализација на некои услуги и после тоа, кога студентите, за време на хакатонот дојдоа со своите идеи, нашите беа неколкукратно помалку иновативни од нивните, а ние сме лица кои завршија факултет пред година-две“, рече Тренеска.
„Ако ние што завршивме пред две години немавме доволно иновативни идеи затоа што изгубивме осет, што навистина треба на еден студент, можете да замислите каков е квалитетот на политиките што се креираат од луѓе што завршиле факултет пред 20 години и притоа не се консултирале пред студентите. Суштинско е при креирање на вакви политики, секогаш во обѕир да се земаат мислењето на моменталните студенти“, додаде таа.
Потребно е да има и електронска можност за плаќање школарина, барање потврди, за положени испити, редовен студент и слично, вели Тренеска, додавајќи дека ова се најгорливи проблеми на студентите.
„Не само затоа што се чека ред, туку затоа што голем број изгубиле шанса да се запишат на магистерски студии, затоа што по печатена форма многу бавно оди тој процес и тие не стигнале да ја земат дипломата, или барем некоја потврда дека имале положени испити, затоа што некоја пријава им била изгубена во студентска служба или професорот заборавил да ја однесе пријавата. Еден млад човек може една година да изгуби и да не може да фати некој рок за да студира надвор или да се вработи – е голем проблем и создава фрустрации“, посочи таа.
При ваквите промени, мора да има обуки, децидна е таа, но и дека нивната содржина треба да зависи од самиот факултет, бидејќи, како што рече, факултетите се хетерогени.
„Некои имаат повисоко ниво на дигитализација од други, па затоа содржината на обуките треба да бидат различни и секако, особен фокус треба да има на административните работници, бидејќи тие ќе бидат и најмногу подложни на промени во нивната работа, дека треба да ги процесираат сите дигитални пријави и слично“, додаде Тренеска.
На одредени факултети има достапност до бесплатен интернет, но на други нема, рече Тренеска, која посочи дека петтата препорака која произлегла од анализата е потребата од бесплатен интернет на факултетите.
„Во рамките на УКИМ и ова треба да се унифицира, затоа што не може да има дигитални услуги, а да нема интернет за да може да се искористат тие услуги, а и покрај тоа студентите што имаат слаб интернет дома или немаат, треба да се потпрат на факултетите, да им дозволат интернет. И за ова да не се злоупотребува, односно да се користи од надворешни луѓе, треба да се приклучуваме од нашето корисничко име и пасворд што го имаме на ‘Iknow’“, додаде таа.
Шестата препорака на МОФ е бесплатен компјутер, за тие што не можат да дозволат да набават.
„Пандемијата ни покажа дека немање компјутер или лаптоп од страна на студентите, средношколците и основците е реален проблем. И тука треба владата сериозно да излезе во пресрет, бидејќи вакви промени не можат да паднат на грбот на студентите, од финансиска гледна точка“, децидна е Тренеска.
Последната препорака пак, се однесува на ревидирање на буџетот што е одвоен за високото образование, односно потребата од посебна ставка за дигитализација.
„Моментално такви активности се одвоени во некои програми или потпрограми, како што се студентски стандард, меѓутоа кога нема посебна ставка, тоа секогаш е подложно на промени. А и покрај тоа, овие практики, административни процедури кои се во печатена форма, дел од нив генерираат средства со кои факултетот ги покрива после трошоците, така што, доколку се случат овие дигитализации, тоа може да биде некој економски шок за факултетот, и тука треба да излезе во пресрет Владата“, рече Тренеска.
Преку дигитална алатка до решавање на административни проблеми
„Students2students“ е името на дигиталната алатка која има за цел да ги реши честите административни проблеми со кои се соочуваат студентите на УКИМ.
Студентеската правобранителка на ФИНКИ, Александра Јовеска, е дел од тимот „Фредо Еспресо“ кој го освои првото место на хакатонот во организација на МОФ посочи дека алатката претставува надградба на веќе постоечкиот систем на ‘Iknow’. Таа посочи дека алатката ја насловиле „Students2students“, бидејќи сите членови на тимот се студенти, а и решението би го користеле сите студенти.
„Поради големиот број студенти на универзитетот и факултетите, постои некоја многу голема академска слобода, а исто така огромен број на проблеми кои се всушност заштитени со нашите студентски права. Затоа, нашето решение се основа токму на тие студентски права“, рече Јовеска.
Таа преку примери во однос на задоцнето дипломирање и плаќање казна за задоцнето запишување предмет, поради невнесена оценка ја доближи идејата за алатката.
„Нашиот колега Бојан всушност задоцни цела академска година со дипломирање, поради тоа што професор не ја однесе пријавата до студентска служба навремено. Ние како студенти, за да можеме да дипломираме, мора нашето студентско портфолио во студентска служба да е комплетно. Меѓутоа, тоа не зависи од нас, туку зависи од професорите. Ова е член во правилниците за студирање“, рече Јовеска.
„Вториот случај е плаќање казна за задоцнето запишување, тоа се случува кога ние запишуваме предмет којшто има предмет, предуслов, за да можеме да го запишеме, т.е. во електронскиот систем ние треба да имаме внесено оценка, од страна на професорот за предметот предуслов, за да можеме да запишеме, доколку не го запишеме предметот или семестарот во рокот којшто е предвиден од факултетот, ние треба да платиме казна“, дополни таа.
Процесот на пријавување проблем, Јовеска посочи дека е автоматизиран. Пријавата која студентот ја поднесува преку надградениот системот ‘Iknow’ стигнува до професорот. Алатката му дозволува на професорот системски да ја забележи пријавата, што, како што вели Јовеска е многу посериозно од обичен мејл, а исто така дозволува и полесно менаџирање, поради големиот број студенти.
„Големата слика на нашата дигитална алатка опфаќа дека студентот испраќа пријава за типот на проблем за којшто сака да го пријави, пред да отиде пријавата до професорот, прво треба да ја валидира студентско тело, дали студентски правобранител, или факултетското студентско собрание на факултетот, во случај доколку не постои студентски правобранител или не постои студентско собрание. Кога студентскиот правобранител ќе валидира дека е правилна пријавата, тогаш ќе ја добие професорот“, објасни Јовеска.
Покрај презентацијата на апликацијата и презентирање на јавниот документ кој го подготви МОФ, беше организирана и дискусија на која зборуваа министерот Шаќири, проректорката за настава на УКИМ Христина Спасевска, деканот на ФИНКИ Иван Чорбев, членот на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност Димитар Стевчев и претседателката на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Ева Цветковска.
Мартин Колоски