„Апсолутно нема никаква научна поткрепеност на тврдењата дека вакцинирањето и аутизмот се поврзани. И УНИЦЕФ и другите меѓународни организации потрошија многу пари, средства за да откријат евентуална поврзаност и нема таква поврзаност. Знам дека секој родител ги сака своите деца, но ги замолувам родителите, апелирам да не потпаднат, да не бидат жртви на лажни информации преку социјалните мрежи“, истакна денеска претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани.
Има институции во светот, посочи таа, кои вложуваат сериозни здравствени и научни напори за да докажат определен ефект на каква било медицинска работа.
„Затоа не бидете плен на лажни информации. Ова се случуваше и за време на пандемијата со КОВИД-19, истите работи. Родителите не може да знаат се’. Затоа постојат овластени научни институции во светот и во државата, ве молам обратете се до нив и послушајте ги нив“, додаде Ди Џовани, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во пресрет на Европската недела за имунизација на која беше соопштено дека неопходно е да се зголеми опфатот со МРП вакцината, а беше и најавено дека Министерството за здравство и УНИЦЕФ почнуваат кампања за да се укаже на ефикасноста на редовните вакцини за деца.
Министерот за здравство Беким Сали одговарајќи на новинарско прашање рече дека досега не е докажана поврзаноста на вакцинирањето и аутизмот.
„Наша обврска е тоа што е научно докажано да го презентираме пред вас. Досегашните наши сознанија и истражувања велат дека вакцините се сигурни и дека треба да се примаат“, посочи Сали.