Обединетите нации (ОН) велат дека руските акции во Украина, кои вклучуваат егзекуции на цивили, може да претставуваат воени злосторства, јавува „Радио Слободна Европа“ (РСЕ).
„Руските вооружени сили неселективно гранатираа и бомбардираа населени места, убивајќи цивили и уништувајќи болници, училишта и друга цивилна инфраструктура, дејствија што може да се класифицираат како воени злосторства“, рече Равина Шамдасани, портпаролка на Канцеларијата за човекови права на ОН.
Во градот Буча, во близина на Киев, мисијата на ОН документирала дека биле убиени 50 цивили, вклучувајќи брзи егзекуции, додаде Шамдасани.
Масовни гробници и стотици мртви цивили беа откриени во Буча и другите градови околу Киев, откако руските трупи се повлекоа пред три недели.
Руските власти негираат дека нивните војници таму убиле цивили и ја обвинија Украина за местење на злосторства.
Високиот комесар на ОН за човекови права Мишел Башелет, денеска рече дека „во текот на овие осум недели, од почетокот на војната, меѓународното хуманитарно право не само што било игнорирано, туку и намерно отфрлено“.
Од почетокот на војната, па се до 20 април, мисијата на ОН документирала и потврдила дека биле убиени 2.345 цивили, а 2.919 биле ранети.