На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
1. Учениците со поддршка на штрајкот на наставниците, но не сакаат продолжена учебна година
Штрајкот на просветните работници е во тек, а најголемиот дел од основците и средношколците не ги посетуваат училиштата. Владата и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) сè уште се во преговори, а училниците зјаат празни.
Радио МОФ направи Инстаграм анкета во која ги прашавме основците и средношколците дали ги поддржуваат наставниците во штрајкот. Преовладуваат пораки на поддршка за просветните работници, но и стравување затоа како штрајкот се одразува врз нив преку губење на часовите и подготовката на матурата.
2. Електронско плаќање и издавање потврди – дел од препораките за дигитализација во високото образование
Национална стратегија за дигитализација на образованието, електронска можност за плаќање школарина, барање потврди, положени испити и слично, бесплатен интернет на факултетите, како и посебна ставка за дигитализација во буџетот. Ова се дел од препораките кои произлегле од анализа на стратешки документи на Владата, Министерството за образование и наука, Универзитетот „Кирил и Методиј“ и Националниот совет за високообразование.
Препораките пак, се вметнати во документот за јавни политики „Дигитализација во високото образование – можности и предизвици“ кој го подготви Младински образовен форум (МОФ).
3. Игор Анѓелков ја објавува „Филмотопија“: Филмот е слатка утопија што нè води на поинакви и повозбудливи места
„Со ‘Филмотопија’ на најдобар можен начин ја заокружувам трилогијата посветена на филмот, тој термин толку типичен во поновата историја на седмата уметност. Со трите книги ја покривам речиси целата македонска продукција, но и она што како новина и тенденција се случуваше на светски план во новиот милениум“, вели Игор Анѓелков, кој ја објави третата книга со филмска есеистика „Филмотопија“, по „ФИЛМ.МКД“ (2015) и „Филмски град“ (2018).
Книгата е во издание на „Или-Или“, а Анѓелков објаснува дека таа е поделена на неколку поглавја, во кои преку осврти и рецензии дава увид во она што во изминатите неколку години (практично, од неговата втора книга па наваму) се случуваше на филмски план кај нас и во светот.
4. Во Тетово се исекоа стогодишни дрвја при реконструкција на улица
Десетина дрвја се исечени во Тетово на Улицата „Страшо Пинџур“ која се реконструира во центарот на градот.
Граѓани и активисти на социјалните мрежи реагираат за ваквиот потег на комуналните служби од Општина Тетово, посочувајќи дека немало никаква најава за вакви активности.
5. „Операција ослободување“ бара да се одглави процесот за легализација на канабисот
Претставници од „Билка“, „Знам“, ХОПС, Хелсиншкиот комитет и Асоцијацијата на производители при Стопанска комора, здружени како „Операција ослободување“ јавно испратија краткорочни барања со кои бараат одглавување на процесот на легализација на канабисот.
Здруженијата побараа средба со премиерот Димитар Ковачевски, средба со министерот за правда Никола Тупанчевски и повторно отпочнување на работата на работната група при Владата. Дополнително, најавен и е протест доколку во рок од еден месец не се исполнат барањата.
Ваквите барања доаѓаат откако изминативе години канабисот остана „заглавен“ во Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, иако граѓанските организации уште од старт бараа одделен, посебен закон што ќе го третира и регулира канабисот.
Бонус: [Видео] #Инста(нт) вести на Радио МОФ 2.4
Имаме нова епизода #Инста(нт) вести со Филип!
Штрајк на просветни работници, мировен марш на средношколци, македонско знаме во /r/place…
Кој каде немаскиран на продолжен викенд, ние на Инстаграм – да ви ги прикажеме вестите кои го одбележаа периодов.
Се погриживме да има забавни предлози во рубриките #ИнстантМузика и #ИнстантКултура за тие што се во Скопје, а проверете ја и видео репортажата од Стразбур што ја направи дописникот Станиша Станковиќ.