„Насилство врз жените се разбира како кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените и ги означува сите акти на родово засновано насилство коишто доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање вклучувајќи и закани за такви акти“, се наведува во члeнот три на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, позната и како Истанбулска конвенција (2011), која што Македонија ја потпиша на 8 јули 2011, а истата стапи на сила од 1 јули 2018 година.
Во земјава, сѐ уште е на високо ниво насилството врз жените и девојчињата и покрај воведувањето на Законот за превенција од насилство против жени и домашно насилство (2021), цврстите членови во Законот за социјална заштита и Истанбулската конвенција. Во период кога на ниво на целата територија јавно се појавуваат и споделуваат илјадници фотографии од различни жени и девојчиња без нивна дозвола (Јавна соба – Телеграм) и притоа целиот процес трае со години, ни физичкото ни сексуалното насилство не се исклучени од денешниот современ начин на живот, пишува „Мета“.
Освен критиките изнесени во Годишниот извештај претставен од „Амнести Интернешнал“ за земјава, застапеноста на насилството врз жените ја потврдуваат и институциите задолжени за решавање на случаите со родово-базирано и семејно насилство.
„Почесто имаме пријави од жени – жртви на семејно насилство отколку мажи и истите најчесто се на возраст од 30 до 45 години, но има и помлади и повозрасни девојчиња и жени кои пријавуваат разни форми на вознемирување“, велат за „Мета.мк“ од Јавната Установа Меѓуопштински центар за социјална работа (ЈУМЦСР) во Тетово.
Оттаму велат дека во моментов добро функционира меѓу-институционалната соработка со другите надлежни институции – полицијата, судот и обвинителството.
„Ние работиме 24/7 со дежурни служби и отворени линии. Имаме пријави во секое време, полицијата повикува службеник и започнува процесот на укажување на помош на жртвата. Во моментот на интервенирање се бара начин и решение за жртвата да се заштити. На жртвата ѝ е потребно да се згрижи и да се засолни на место каде ќе се чувствува безбедно уште истиот ден кога е пријавен случајот. Жртвите кои пријавуваат насилство во Центарот за социјална работа во Тетово по придружба од социјален работник и давање на правна помош се носат во Скопје во центар за моментално згрижување или интервентен центар каде имаат право на останување до три дена“, објаснуваат од Центарот.
Во дадените три дена, социјалниот работник во соработка со останатите институции и згрижувачките центри во земјава работи на изнаоѓање решение за безбедно сместување на жртвата во згрижувачки центар – шелтер за долгорочно сместување најмногу до 6 месеци, а за време на тој период преку советување се врши доквалификација на жртвата за истата да стане финансиски независна личност.
„Имаме случаи кога жртвата не сака да биде сместена во шелтер за што се разбира има право. Прво треба да биде пренесена во главниот град, а потоа во еден од вкупно неколкуте центри во Македонија што значи дека треба да ја промени средината на живот, доколку има деца да ги отпише од училиште… и со оправдани причини носи одлука привремено да остане кај роднини, а во најлош случај да се врати кај насилникот. Целиот процес би бил многу полесен за сите вклучувајќи ги и жртвите и оние кои работат на случајот доколку во Тетово или барем во Полошкиот регион се отвори центар за згрижување на жртви од семејно насилство“, забележуваат од ЈУМЦСР.
Во ваквите центри жртвите се згрижуваат, едуцираат, советуваат и им се нуди бесплатна психолошка и правна помош. Центрите се од исклучително значење во нашето општество особено поради тоа што имаат за цел да помогнат во процесот на осамостојување на одредена личност што поминала низ траума.
Покрај шелтер центар, во 2020 година, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство ја воспостави првата социјална услуга за реинтеграција на жени жртви на семејно насилство кои ја напуштиле насилната средина – Куќа за отворено домување. Оваа услуга е дел од моделот за реинтеграција и рехабилитација на жени жртви на семејно насилство, односно се добива советување и поддршка за остварување на социјални права, континуирано индивидуално и групно советување со психолог/психотерапевт, правно советување и менторство и асистенција при вработување. Во неа може да се сместат жени жртви на семејно насилство кои се во ризик од бездомништво во период од 6 до 24 месеци, каде ним и на нивните децата им се достапни засебни соби за спиење и заеднички простории како кујна, трпезарија и дневен престој.
Во Република Северна Македонија освен во скопскиот регион, има и други големи засолништа за жртви на родово-базирано и домашно насилство; во југозападниот регион – Охрид, источниот – Кочани, југоисточниот – Струмица, вардарскиот регион – Велес и Свети Николе, во пелагонискиот предел во Битола. Владата на РСМ го усвои Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската Конвенција за период 2018-2023, но и покрај тоа Полошкиот регион е единствениот во кој сѐ уште нема отворено центар.
Во целиот Полошки регион нема ниту еден згрижувачки центар или барем интервентен центар, иако како што велат од ЈУМЦСР Тетово, за ова долго време се преговара јавно.
Вистинскиот проблем лежи во малиот капацитет на веќе постоечките засолништа. Оние што се отворени и во функција се пренатрупани со жртви од другите градови, вклучувајќи ги и оние што живеат во полошката котлина каде притоа не постои никаков вид сместувалиште што може да биде од корист на останатите градови во земјава.
Имено, според член 140 од Законот за социјална заштита, Министерството за труд и социјална политика најмалку еднаш годишно објавува јавен повик за обезбедување социјални услуги од општините. Притоа, општинските единици се должни да формираат општински совет за социјална заштита (член 141) што ќе изготвува социјален план што содржи мапирање на социјалните проблеми и ранливите групи во општината, а потоа градоначалникот, (член 142) врз основа на социјалниот план, прави годишна програма за социјалната заштита, која ја донесува Советот на општината.
Така подготвената планска програма треба да ја лоцира потребата од згрижувачки центар за која апелираат и од Центарот за социјални работи и како предлог да го достави до Министерството за труд и социјална политика.
Во одговорот што „Мета.мк“ го доби од Општина Тетово се вели дека ваков општински совет сѐ уште не е формиран и од тие причини прашањето за создавање на планска програма и барање за средства за изградба на шелтер центар, што на даден предлог Министерството за труд се обврзува да ги обезбеди, сѐ уште тапка во место.
Полошкиот регион до скоро немаше ниту советувалиште за жени и девојки жртви на семејно и родово-базирано насилство
Покрај потребата од згрижувачки центар, до скоро во областа на Полошкиот регион постоеше и потребата од специјализирано психолошко советувалиште за жени жртви на семејно и родово базирано насилство какво што никогаш претходно немало. Првото советувалиште од ваков тип, во рамките на Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство беше отворено дури во декември минатата година и истото претставува проект финансиран од Норвешката амбасада и други надворешни донации.
Иако е нова канцеларија, има севкупен вработен кадар. Социјален и правен работник и психолог работат со жртвите што се пријавуваат на нивните линии, а покрај психолошка и правна помош нудат услуги за кариерно советување и соработуваат со ЈУМЦСР и полицијата. Како и од Центарот за социјална работа и оттаму потенцираат кон важноста за воведување на згрижувачки центар на ниво на Полошкиот регион.
„Според минималните стандарди, на 50.000 жители треба да има еден советувалиштен центар за жени жртви на семејно насилство, на 100.000 жители е потребно да има шелтер центар, и на 150.000 жители интервентен кризен центар. Ова е првиот советувалиштен центар во целиот полошки регион што брои 300.000 жители, а дополнително поразувачки е и тоа што всушност истиот не е поддржан од локалната самоуправа“, изјавуваат од советувалиштето.
Земено податоците со кои располага Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во Тетово има голем број на жени и девојки кои пријавуваат форми на насилство, вознемирување и демнење и истите се на различна возраст, при што најмладата жртва има 13 години, а највозрасната 60 години.
„Навистина е загрижувачки што Општината нѐ одби кога побаравме финансии со изговор дека во следните две години нема да има можност за финансирање на ова советувалиште за кое нашите странски донации предвидуваат издржување до јули 2022 година. Она на кое до сега сме биле сведоци ја потхранува големата потреба од едно вакво граѓанско тело не само за градот Тетово туку и за оние во руралните средини од околината“, истакнуваат од советувалиштето.
„Тоа се жени кои со години трпеле насилство од секаков вид. Да се пријават жените е голема процедура и тука е фактот што тие не си ги знаат правата, потребни им се насоки што понатаму откако ќе го преземат најголемиот чекор – пријавувањето“, додаваат оттаму.
Отворањето на советувалиштето не беше проследено со реклами или кампањи, но од таму посочуваат дека и покрај малата промоција сега имаат регистрирано голем број на случаи.
„Насилството постои во Тетово, и тоа ќе продолжи да расте. Колку повеќе дознава за ова советувалиште ќе има и повеќе пријави за помош, што значи дека потребата за шелтер центар се зголемува со зголемувањето на самиот број. Покрај тоа што ги полниме шелтрите во другите градови, потребата од интервентен кризен центар е исто така голема. Кога би се ставиле во позиција на жртва што во сред ноќ успеала да избега и да побара помош, не би ни било најлесно да добиеме одговор дека ќе бидеме одвезени некаде на друго место, во друг град со непознати луѓе“, заклучуваат од советувалиштето при Националната мрежа против семејно насилство.