Генералниот штрајк на Самостојниот синдикат на образование, наука и култура (СОНК) продолжува само во основните и средните училишта, без градинките, соопшти денеска на прес-конференција, претседателот на синдикатот Јаким Неделков.
Ваквата одлука доаѓа откако вчера беше постигнат начелен договор помеѓу претставници на СОНК и Владата за зголемување на платите во просветниот сектор за 12 отсто. Неделков вчера изјави дека за официјално да се постигне договор ќе треба да се испита јавното мислење на членството и Советот на СОНК да донесе одлука.
„Од вкупно 480 синдикални организации кои што дадоа податоци за нивното изјаснување, 388 беа за продолжување на штрајкот од утре, а само 83 за прекинување на штрајкот. Најголемиот дел од овие кои што се изјаснија за прекинување на штрајкот се синдикалните организации од детската заштита, а без исклучок огромниот број за продолжување на штрајкот се колегите и колешките кои што се вработени во основното и средно образование“, рече Неделков.
„Советот на СОНК, со оглед на сумираните резултати донесе одлука дека штрајкот во основното и средното образование продолжува и во текот на утрешниот ден, се до наоѓање на заедничко прифатливо решение помеѓу синдикатот и ресорното министерство, односно владата“, додаде тој.
Истовремено, тој посочи дека Советот на СОНК донел одлука да се стави во мирување штрајкот на градинките, односно дека од утре градинките ќе почнат редовно да работат.
„Образложение на оваа одлука беше барањето на големиот дел на градинки дека во интерес на родителите, во интерес на децата, во интерес на стопанството кое што на некој начин трпи заради неможноста и немањето кој да ги згрижи дечињата во градинка ќе ги отворат вратите, односно тие и досега беа отворени, меѓутоа ќе продолжат да работат со нормален интензитет“, посочи Неделков.
Дополнително, Неделков изјави дека Советот на СОНК во знак на незадоволство од резултатите на преговорите, одлучил да организира голем масовен протест пред Владата на во среда, на 4 мај.
Попладнево пред седиштето на СОНК се собраа околу 300 членови на синдикатот по информациите кои ги добиле дека штрајкот од утре ќе прекине. Претседателот Неделков тврдењата дека со Владата веќе потпишале договор ги оквалификува како шпекулации.
Зголемување на платите во просветниот сектор за 12%, Владата и СОНК постигнаа договор