Во Кинотека на Северна Македонија од 5 до 11 мај, ќе бидат прикажани 11 класични филмови од српската кинематографија, продуцирани од раните 60-ти до средината на 80-тите години на минатиот век.
Изборот на филмови се дел од стоте антологиски наслови снимени од српски режисери во периодот од 1911 до 1999 година, а кои во 2016 година беа прогласени за национално добро од големо значење во Србија.
„Тие се дел од проектот ‘VIP Кинотека’ чија цел е да се сочуваат и заштитат филмовите кои ја одбележале српската кинематографија, процесот на дигитална реставрација на српското филмско наследство е реализирано во Одделението за дигитализација и дигитална реставрација при архивот на Југословенската Кинотека во Белград“, се додава во најавата за настанот.
Југословенската Кинотека, основана во 1949 година, денес спаѓа во петте најзначајни филмски архиви во светот, посочуваат од Кинотека.
„Покрај богатата збирка филмови од југословенската и српската национална кинематографија, оваа Кинотека располага и со огромен фонд странски филмови, добиени како размена со другите странски архиви, депонирани од физички и правни лица, како и преземени од широката киноприкажувачка мрежа“, додаваат од Кинотека.
Настанот е во организација на Кинотеката, Југословенска кинотека, Српската амбасада во Скопје и здружението „СПОНА“.
Целосната програма може да се погледне на следниов ЛИНК.