Концептот на аматерската филмска работилница е замислен преку формирање на семејни екипи составени од два члена и преку заедничко учење, гледање филмови, разговори и дружење. Сите пријавени ќе имаат можност да создадат снимаат и монтираат своја филмска приказна.
Филмовите создадени во рамки на работилницата може да се инспирирани од семејните албуми, генерацискиот јаз или од секојдневните предизвици. Филмовите може и да се фокусираат на теми како урбанистичката промена во градот, екологијата и животната средина, како и социјалната правда.
За учество во работилницата не е потребно никакво предзнаење или техничка опрема, а од Јадро истакнуваат дека добредојдени се сите кои сакаат различно семејно дружење и трансгенерациски предизвици.
Работилницата ќе биде менторирана од режисерката Марија Џицева, а ќе се одржи во периодот од 13 до 15 мај во КСП Центар Јадро. За учество на работилницата заинтересираните треба да испратат мејл со лични податоци на електронската адреса centar.jadro@gmail.com, најдоцна до 10 мај.
На работилницата ќе можат да учествуваат првите пет екипи кои ќе се пријават на повикот.
Марија Џиџева е родена во Гевгелија на 24 декември 1970 година. Основно и средно образование завршува во родниот град. Студира на Филолошкиот факултет во Скопје и во 1994 година дипломира на Катедрата за македонска книжевност. Истата година ги започнува студиите на Факултетот за драмски уметности и во 2000 година дипломира на Катедрата за филмска и тв режија.
Работи документарни и играни филмови. Автор е на филмовите “Мис Амнезија”, “Списокот на Тони Манџа”, “Погледни го животот низ моите очи”, “Барајќи ја среќата”, “Некои поинакви приказни”, “Втора шанса”, прикажувани и наградувани на повеќе филмски фестивали. Работи и на повеќе телевизиски документарни проекти. Во периодот од 2015 до 2018 година е ангажирана на Филмската Академија при Универзитетот Гоце Делчев во Штип.