Во состојба на глад и суша во Африканскиот Рог и 600.000 деца кои веќе не одат на училиште, африканските родители ги втеруваат ќерките во рани бракови, пренесува Гардијан.
Во африканските предели погодени од суша се забележува „драматичен“ раст на детски бракови, поради најголемата климатска итност во последните 40 години.
Сушата што надвладеа во три последователно неуспешни дождливи сезони, резултираше со неухранетост кај милиони луѓе во Африканскиот Рог, односно Етиопија, Сомалија, Кенија и Џибути.
Голем дел од девојчињата во Етиопија се мажени на многу мала возраст, бидејќи нивните родители се снабдуваат со ресурси за преживување од миразот на семејството на зетот, надевајќи се дека нивните ќерки ќе бидат нахранети и заштитени од побогати фамилии, предупредува Катрин Расел, директорка на УНИЦЕФ.
Во источната зона Хараре, која е дом на 2.7 милиони луѓе, случаите на детски бракови се зголемиле за 51 отсто. Во првата половина на 2021 година биле регистрирани 70 детски бракови, додека во втората половина на истата година биле регистрирани 106 детски бракови
Според податоци добиени од УНИЦЕФ оваа недела, 672 детски бракови биле регистрирани помеѓу февруари и август минатата година, а од минатогодишниот септември до март годинава, бројката стигнала до 2.282 случаи.
„Сведоци сме на ‘драматичен’ раст на детски бракови. Родителите ги мажат ќерките бидејќи се очајни – се плашат од насилство, се плашат за безбедноста на девојчињата, потребни им се ресурси и не можат да си дозволат да ги хранат“, истакнала Расел, додавајќи дека над 600.000 деца веќе не одат на училиште поради сушата.
Сушата можно е да ги прекине обидите на Етиопија за намалување на детските бракови, чија бројност во државата е една од највисоките во светот. Според демографски податоци од 2016 година, 40 отсто од девојчињата од Етиопија се омажени пред 18 години, а 14 отсто се мажат пред нивниот 15 роденден.
Расел, која ги посетила локациите каде УНИЦЕФ ги негува неухранетите деца, изјавила дека луѓето се принудени да пијат нечиста вода, што ги става под ризик од различни болести, вклучувајќи и колера.
„Сè уште не сме регистрирале случаи, но сите се загрижени поради колерата“, изјавила таа.
Како резултат на намалувањето на вакцинациите, сипаниците веќе се вратени помеѓу африканското население, а регистрирани се 1000 случаи и 16 потврдени смртни случаи.