На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
-
[Фото] Мурал на Горан Стефановски во скопски Центар по повод 70 години од неговото раѓање
Роден на 27 април, 1952 година, Горан Стефановски претставува еден од најистакнатите македонски драматурзи, а по повод 70 години од неговото раѓање, во Општина Центар беше претставен и мурал во негова чест.
Муралот е дело на тату-артистот Блаже Атанасков, а исцртан е на дел од фасадата на ООУ „Коле Неделковски” во Дебар Маало.
Муралот и официјално беше претставен од градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. По откривањето на муралот, во 18 часот во паркчето кај спомен-обележјето на Горан Стефановски следуваше драмски перформанс „Маалски драмски разговори“.
2. Студентски „Етно клуб“ – место за дружба, работилници и предавања во паркот пред ПМФ
Во паркот пред долната зграда на Природно-математичкиот факултет (ПМФ), во близина на Ботаничката градина, помеѓу зеленило и верверички, беше отворен студентски „Етно клуб“, замислен како место за дружба, работилници и предавања.
Етно клубот е реализиран со донации од поединци, како резултат на долгогодишна потреба и желба за ваков простор и од студентите и од вработените.
Професорката Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија, споделува дека уште од нејзините студентски денови на ПМФ немало простор за неформално дружење на студентите и вработените, па ситуацијата е таква што најчесто студентите од различните катедри не се познаваат меѓусебе.
3. УКИМ падна нови 20 позиции на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот [Инфографик]
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ e рангиран на 1.964 место на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за академската 2022/2023 година според рангирање кое го објави Центарот за рангирање на светски универзитети.
Најголемиот македонски универзитет во споредба со минатата година забележа пад од 20 места на оваа листа која ги оценува академските перформанси на универзитетите ширум светот.
УКИМ е единствениот македонски универзитет на листата со 65,9 бодови од вкупно 100. Во споредба со рангирањето за академската 2019-2020 година, каде УКИМ имаше најдобар резултат последниве години и беше 1.816-ти на листата, Универзитетот има назадувано за 148 позиции.
4. [Галерија] Протест на наставници пред СОНК: „Никој не не’ праша дали да се стави штрајкот во мирување“
Со извици „Уаааа“ и „Оставка“, пред седиштето на Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК) во Скопје се собраа наставници и разни просветни работници. Дојде и поддршка од други градови. Насобраната толпа изрази незадоволство и несогласување со синдикалниот лидер Јаким Неделков, кој најави дека штрајкот во образовaнието е ставен во мирување.
Неколку претставнички од членството пред новинарите побараа Неделков да се изјасни за ваквата одлука, за која тврдат дека не се информирани и е донесена без нивна согласност.
„Ова се’ спонтано излезе и ние сме овде да изразиме револт, бидејќи ние сме базата, членството, ние сме СОНК. Тој е нашиот лидер кој што треба да не’ претставува. И, должен е да дојде овде, да каже зошто ја промени одлуката и како се случи тоа? Бидејќи, сите сме упатени и знаеме што се случува во образованието во последните 10 години, што добивме од ветеното и зошто секогаш сме на маргините на општеството. Ако ја вршиме најблагородната и можеби најодговорната улога во општеството, зошто сме постојано маргинализирана група?“, праша една од просветните работнички.
5. Недостиг на билети за едно возење во автобус, ЈСП тврди снемало поради голем интерес
Во повеќето од автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) изминативе неколку денови патниците не можеа да купат билет за едно возење од возачите, бидејќи билетите ги немаше на залиха.
Од ЈСП за Радио МОФ ја потврдија оваа информација. Причината, според нив, е што количините на билетот се при крај, односно има голема заинтересираност за нивно користење.
Оттаму објаснуваат дека навремено распишале оглас за јавна набавка на нова количина од билетот, но таа била поништена поради пропусти во доставената тендерска документација во некои од понудите.