„Ако во земјава постоеа само десетмина новинари, седуммина ќе земаа потпросечна плата. Четворица немаше ниту да имаат постојано вработување, туку ќе работеа со договори на дело“, вели Павле Беловски, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во своето видео-обраќање по повод Меѓународниот ден на труд, 1 Мај.
Денес, кога се слават работничките права, Беловски испрати порака за сплотување и солидаризирање во борбата, бидејќи само така, новинарите и медиумските работници, можат да се изборат за своите работнички права и враќање на достоинството на новинарското перо.
„А кога шансите да добиете закани додека си ја вршите работата се 1:3, значи дека имате ризично работно место. Ова не се бројки, туку судбините на нашите медиумски работници. Сигурна работа значи и достоинствено новинарство. Оној кој е социјално обесправен, оној кој е во подредена положба, оној кој е уценет со мизерна плата за опстанок – тој не е слободен “, се вели во видео-обраќањето.