Промоција на прозниот ракопис „Главата што лебди“ на Марија Ангеловска, кој ја доби наградата за најдобар дебитантски ракопис „Новите!“ за 2021 година, ќе се одржи на 5 мај, четврток во Младинскиот културен центар.
Со почеток во 8 и 30 часот, на промоцијата извадоци од делото ќе читаат Андреј Ал-Асади и Ивана Јовановска, по што ќе следува диџеј сет на Кристијан Јордановски.
Промоторки на книгата ќе бидат Фросина Крушкаровска и Мања Величковска.
Наградата „Новите!“ секоја година ја доделува издавачката куќа Темплум, а минатата година жирито составено од Андреа Делипапаз, Петар Андоновски и Фросина Крушкаровска одлучи наградата да ја освои збирката „Главата што лебди“, поради леснотијата и непретенциозноста на расказите.
„Марија вешто си поигрува со концептите за стравот и страшното, јукстапозиционирајќи ги манифестациите на страшното фантастично и ужасите од реалноста во прозен контемплационен „двобој“, од кој општествено прифатените, норматизирани „нормални“, „прифатливи“ и „здрави“ појави секогаш „победуваат“ и се очудуваат како далеку поужасни од секоја наша замисла и ноќна мора. Всушност, преку сопоставувањето на ужасното секојдневно и ненадејното внесеното фантастично, Ангеловска успева да даде критика и да сузбие усвоени стратуми на нашето однесување и соживот со другите“ се вели во освртот на Величковска.
Таа додава дека и во повремените истражувања на загадочните аспекти, на болката и стравот, расказите задржуваат тон на надеж, затскриена радост и детска љубопитност.
Марија Ангеловска е родена во 1994 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (настава, превод и толкување). Има предавано англиски јазик, преведувано, а повремено толкува на настани поврзани со културата во градот. Пишува проза, а понекогаш и поезија. Учествувала и објавувала раскази на конкурси во државата, а нејзини дела се застапени и во регионалната збирка „Рукописи 41“. Настапувала на Струшките вечери на поезијата и на настанот „100 илјади поети за промена“.
#РаскажиМи: Фрагменти од збирката раскази „Глава што лебди“ на Марија Ангеловска