Сите податоци и докази покажуваат дека комплексот РЕК Битола е еден од најголемите загадувачи во Европа, а општина Новаци и Битолскиот Регион го примаат главниот удар, се вели во новата анализа изработена од CEE Bankwatch Network. Анализата покажува дека електраната предизвикува до шест предвремени смртни случаи само во општината Новаци.
Новообјавената анализа „Загадување на воздухот и поврзани здравствени последици во Новаци, Северна Македонија“ подготвена од CEE Bankwatch Network во соработка со „Еко-свест“ уште еднаш ги потврдува претходните наоди дека РЕК Битола е главниот причинител за надминување на граничните вредности за загадување на воздухот во Новаци и околината. Според анализата, направена целосно според независни мерења извршени од Bankwatch, надминувањата на ПМ10 и ПМ2.5 честичките се главно во зимските месеци и потекнуваат од насоката на електраната, рудникот за јаглен и депонијата за пепел. Надминувањата пак на вредностите на сулфур диоксид доминантно потекнуваат од насоката на оџаците на електраната кои испуштаат неколку пати повеќе гасови од дозволеното.
„Собраните измерени податоци ги споредивме со законските граници, но и со тие препорачани од Светската здравствена организација како оптимални за заштита на здравјето. Резултатите покажаа дека скоро и да нема ден во Новаци во кој концентрацијата на некој загадувач не е над нездравите вредности“, изјави Давор Пехчевски, еден од авторите на студијата.
Ваквата концентрација на загадувачи предизвикува сериозни здравствени последици. Само ПМ2.5 честичките во Новаци предизвикуваат до 6 смртни случаи годишно, или пренесено на популација од 100.000 тоа би биле 152 предвремени смртни случаи. Тоа е 50% поголема смртност од аерозагадување отколку во Тузла, друго место со високозагадувачка електрана на јаглен.
И покрај ваквата ситуација, властите и АД ЕСМ и понатаму не преземаат сериозни активности за намалување на загадувањето од РЕК Битола и за заштита на здравјето на жителите од Битолскиот Регион, но и во целата земја.
„Плановите за продолжување на работниот век на ТЕЦ Битола по 2030 година преку отворањето на рудникот Живојно значат и дека битолчани ќе треба да го жртвуваат своето здравје за термоелектраната која работи нелегално и без еколошка дозвола. Ситуацијата во која се ставени битолчани покажува крајна негрижа за човековото здравје“, потенцираше Невена Смилевска од „Еко-свест“.