Четвртата изведба на „Пандорината кутија – Наследството на ќерката“, по текст и во режија на Ришард Ниечим (Канада), на 5 мај (четврток) од 20 часот ќе се одржии во Младинскиот културен центар во Скопје.
Таа е дел од циклусот претстави на авторот под заедничкиот наслов „Древни огледала/Современи гласови“. Актерка во претставата е Јасмина Билаловиќ.
Според најавата, „Пандорината кутија“ има 2 чина, од кои првиот ги претставува древните гласови или патријархалната херојска перспектива на мажите и машките богови и божици на античка Грција во однос на жените и женственоста. Вториот чин, пак, ги претставува современите гласови на наследената патријархална херојска перспектива на современите мажи и жени без потхранувачките митови за античките богови и божици и наследената борба на жените за ослободување на сопствениот Женски Глас.
„’Пандорината кутија: Наследството на ќерката’ покренува некои од тековните прашања: Кои се денес ќерките на Пандора? Што сториле ќерките со нивните наследени ‘подароци / наследство’? Што се сменило за овие 30 века од Хесиод наваму, во улогата/-ите на жените и женственоста во западните култура и општество? Кои се последиците од визијата на ‘Жената’, која древните ја оставиле за модерноста врз психата и на мажите и на жените? Кои се современите последици – со губењето на потхранувачките митови за античките богови и божици и вербата во поимот божественост – врз психата и на мажите и на жените во модерната култура, особено ефектите врз модерната перспектива на женственоста? Дали западната психа денес има потреба од исцелување и ако е така, како да се направи тоа?“, се вели во најавата за претставата.
Инаку, останатиот тим на претставата го сочинуваат Ивана Балабанова како асистент на режија, костимографијата е на Павел Маслов, сценограф е Мартин Манев, асистент – Симона Димковска, додека преводот на текстот на македонски е на Елена Пренџова.
Билетите ќе бидат достапни на билетарата на Младински Културен Центар по цена од 300 денари.
Проектот е поддржан од Министерството за култура, со поддршка и од „Битрикс Културно-уметнички Центар“.