Култното независно радио „Канал 103“ изминативе денови, поточно симболично за 1 мај, ја објави компилацијата со име „Повик“.
Ова музичко парче содржи голем дел артисти од заедницата на „Стотројка“, која со години обединува, ја обликува алтернативната култура и активно се грижи за независниот креативен агенс. Вклучени се имиња како „Блекстејт“, „Калчр Девелопмент“, Лазар Дерковски, „Електро Култура“, „Гунгула Систерс“, Јоана, Владимир Лукаш, „Мнемоник45“, „Нискоградба“, Дени Омерагиќ, „Стој, После!“…
Со своето раѓање во 1991 година, „Стотројка“ е постара од државата, со безвременски статус на „искра светлина од мрачните лавиринти на МРТ“. „Стотројка“ стана и феномен без преседан на овие простори, знаејќи дека долги години разни ентузијасти, уметници, водители – работат без никаков финансиски надомест. Лани на 1 мај одбележа 30 години постоење, а својот роденден го поминина со гласен молк. Редакцијата на 24 часа го исклучи радио-стримингот, емитувајќи „бел шум“, како протест за да се врати ФМ фреквенцијата на радиото.
Сега, тимот преку компилацијата потсетува на овој момент и вели дека „не се странци на секакви перипетии, но ова е особено мрачен момент во нивната долга и турбулентна историја“.
„Не емитуваме на ФМ повеќе од две години, и иако пандемијата беше толку богат момент за радио, треба да застанеме на нозе и да го вратиме Канал 103 во етерот. Упативме повик за акција. Го споделивме нашиот ‘сопствен’ бел шум со пријателите, љубовниците и сојузниците на радиото, поканувајќи ги да го искористат како почетна точка и да ни состават музичко парче: да направат доблест од потреба, да направат нешто од ништо, но исто така да се забавуваат“, се вели во инфото на компилацијата.
Компилацијата е продуцирана од Ѓорѓи Јаневски, мастерингот е правен од Сашо Пуцковски, ковер фотографијата е на Станимир Неделковски, додека Јелена Белиќ е задолжена за фотографии на индивидуалните траки.
Тимот информира и дека коверот е всушност „Повикувачот“, слика базирана нд фрагмент од монументалниот мурал „Фреска за НОБ“ на македонскиот уметник Борко Лазески, направен во 1956 година, а потоа делумно уништен за време на скопскиот земјотрес во 1963 година.
„Човечкиот фактор го направи останатото. Платното се наоѓа на еден кат над студиото на ‘Канал 103’, во еден од ходниците на зградата на националниот радиодифузер, заедно со огромно количество остатоци од гарнитури и електронски отпад. Сликата на многу места е драстично оштетена. Покрај тоа, многу делови од платното имаат измет од птици. Потребна е целосна конзервација и реставрација“, пишува тимот.
Бојан Шашевски