Гојазноста во Европа има достигнато пропорции на епидемија и предизвикува најмалку 200 илјади случаи на рак и 1,2 милиони смртни случаи годишно, покажува нов извештај на Светската здравствена организација (СЗО).
Тоа ја прави оваа медицинска состојба четврт најголем „убиец“ на континентот, со околу 13 проценти од вкупниот број смртни случаи годишно, пренесе Еуроњуз.
Скоро третина од децата и 59 проценти од возрасните во Европа имаат прекумерна тежина или живеат со гојазност, се наведува во извештајот. Според СЗО момчињата почесто се гојазни или имаат прекумерна тежина од девојчињата.
Европските нивоа на гојазност се повисоки од било кој друг регион на СЗО освен Америка, велат од организацијата, додавајќи дека бројките пораснале за 138% во периодот од 1975 до 2016 година.
Пандемијата со КОВИД-19 само ја влоши ситуацијата, вели д-р Ханс Хенри Клуге, директорот на СЗО Европа.
„Луѓето кои живеат со гојазност имаа поголеми шанси да доживеат потешки последици од КОВИД-19, меѓу кои и хоспитализација на интензивна нега и смрт“, вели Клуге.
Според него карантините, затворањето на училиштата и работата од дома веројатно имаат придонес до порастот на проблемот со гојазноста во Европа.
Сепак постојат и долгорочни фактори во начинот на живот кој ги става Европејците во ризик да бидат гојазни или пак со прекумерна тежина.
„Живееме во време каде имаме лесен и ефтин пристап до вкусна храна и навистина е лесно да се биде во седечка позиција цел ден. Знаеме дека нашите деца едноставно се бомбардирани со реклами, особено во дигиталниот свет, дури и кога играат видео-игри. Тие гледаат реклами за храна богата со маснотии, шеќери и сол“, објаснува Џулијан Вилијамс, претставничка на СЗО за незаразни болести.
За да се промени ситуацијата, според неа потребни се ефективни промени во владините политики.
„Не се работи само во тоа да им се каже на поединците да го променат своето однесување, туку за промена на политиките. Потребни се даноци на напитоци кои содржат шеќери, а мислам дека потребни се и ограничувања на рекламите особено кон децата, како и зголемен пристап и еднаква достапност до високо квалитетни услуги поврзани со менаџирањето на гојазноста“, додава Вилијамс.
Од СЗО исто така препорачуваат владите да охрабруваат доење, да го поврзуваат здравиот начин на исхрана со борбата против климатските промени, како и да го ограничат растот на објекти кои нудат храна за носење во посиромашните средини.