Македонската асоцијација на издавачи ги додели наградите за 2022 година

На 34. Саем на книгата, Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) по шести пат ги додели своите награди. Здружението им оддаде признание на најголемите издавачки дострели за 2022 година, односно за периодот меѓу ланскиот и тековниот саем.

Првата награда во категоријата „најдобра едиција“ комисијата ја додели на „Целокупното творештво за возрасни на Оливера Николова“ во издание на „Арс ламина“. Едицијата е сочинета од 10 тома во кои се сместени 12 наслови за возрасни. Комисијата го вреднува како најквалитетен овој издавачки проект и во исто време исклучителен чин за истакнување на „мајката на македонската книжевност“, за кој смета дека е уреднички одлично сработен, со добар и унифициран изглед на кориците.

За најдобро ликовно-графички уредено издание, Комисијата го доделува првото место на книгата „Бамбино“ со приказна и текст на Ника Гавровска и дизајн на Никола Радуловиќ, а во издание на „Гаврош“.

„Причината за тоа е што книгата отскокнува од сите останати во конкуренцијата – графички е беспрекорно средена и надворешно и внатрешно, со оригинален разделник од црвена ткаенина кој е поврзан со приказната. Меѓутоа, и содржински, спојот на текстот и графиките создава една силна фабула, која целата книга ја прави навистина за пофалба“, се вели во образложението на Комисијата.

Изборот за најдобра книга за деца на комисијата оваа година едногласно падна на книгата „Пет приказни од целиот свет“, раскажани од Живко Гроздановски. Комисијата смета дека станува збор за мошне оригинален пристап, многу убав избор и одлично раскажани приказни со соодветни илустрации, кои оваа книга ја прават содржински значајно четиво за децата.

За автор на годината е прогласен Владимир Јанковски, кој е годинашен македонски кандидат за наградата за литература на Европската унија за романот „Скриени желби, немирни патувања“. Книгата на Јанковски беше и македонски кандидат за наградата „Балканика“.

„Јанковски е истакнат книжевен деец, критичар, преведувач и автор на три романи. Наскоро се очекува второ издание на неговата последна книга, а во тек се нејзини преводи на чешки и српски јазик“, стои во образложението.

Фотокнигата „Во главата пишувам расказ“од Елизабета Баковска и Сашо Димоски, едногласно е избирана за најкреативно издание.

„Книгата има одличен концепт на содржинско спојување на 64 лирски прози на Баковска со 115 фотографии од различни жанрови на Димоски. Начинот на кој тие се надополнуваат во раскажувањето на состојбата на свеста во непосредниот период пред и непосредниот период по смртта на мајката на Баковска, во соочувањето со загубата на родител и со вечните теми за животот и смртта, ја прават оваа книга целосно оригинална и креативна и нешто повеќе од само книга“, соопштува организаторот.

Во категоријата „Признание за поттикнување на општествена одговорност“ доделено е само прво место, бидејќи комисијата смета дека проектот „Сликовницата на Халки“ отскокнува во однос на останатите. Станува збор за проект во кој централна улога има сликовницата, која обработува теми важни за современите деца. Сликовницата го објаснува процесот на изработка на една книга за деца и нејзината главна порака е дека читањето е најважната животна навика.

Специјалното признание за промотор на годината е за фестивалот „Букстар“, кој досега се има одржано 7 пати. Комисијата смета дека на македонската јавност ѝ претставува значајни современи европски автори и отвора дебати на важни теми од областа на книжевноста.

„Фестивалот од година во година има сè поголем медиумски опфат, привлекува голем интерес кај публиката, го посетуваат и многу млади кои се запознаваат со авторите и купуваат книги за време на неколкудневната програма и е вистински промотор на читачката култура“, стои како образложение за наградата.

За осматта категорија, иако имаше пет номинации, Комисијата сепак не додели награда поради „слаба конкуренција во поглед на идејата за иновативност, опишана во критериумите за доделување на наградата“.

——————————————————————————

Сите наградени може да се погледнат подолу:

1.ПРИЗНАНИЕ ЗА НАЈДОБРА ЕДИЦИЈА

Наградени:
1. место: едицијата „Целокупното творештво за возрасни на Оливера Николова“ („Арс ламина “)
2. место: едицијата „Штици“ („Гаврош“)
3. место: едицијата „Безвременски“ („Три“)

2.ПРИЗНАНИЕ ЗА НАЈДОБРО ЛИКОВНО-ГРАФИЧКИ УРЕДЕНО ИЗДАНИЕ

Наградени:
1. место: „Бамбино“ со приказна и текст на Ника Гавровска и дизајн на Никола Радуловиќ („Гаврош“)
2. место: „Збор по збор“ од Ника Гавровска (идеја, концепт и графичко уредување и илустрации на Наташа Андонова („Гаврош“)
3. место: „Волшебното патување на Простор и Време“ – автор Мирко Трајановски, илустратор Кристијан Јованоски („Софија“ – Богданци)

3.ПРИЗНАНИЕ ЗА НАЈДОБРА КНИГА ЗА ДЕЦА

Наградени:
1. место: „Пет приказни од целиот свет“ – Живко Гроздановски („Чудна шума“)
2. место: „Ши, ѕифри, копчи“ од Владимир Лукаш и Наталија Лукомска („Арс ламина“)
3. место: „Мистериозниот остров“ – напишана од Бистра Георгиева, илустрирана од Наталија Лукомска (од едицијата Сани и Стела на „Три“)

4.ПРИЗНАНИЕ ЗА АВТОР НА ГОДИНАТА

Награден:
1. место: Владимир Јанковски

5.ПРИЗНАНИЕ ЗА НАЈКРЕАТИВНО ИЗДАНИЕ

Наградени:
1. место: „Во главата пишувам расказ“ од Елизабета Баковска и Сашо Димоски (самостојно издание)
2. место: „Finger print art“ („Арс ламина“)
3. место: „ Игра со придавки“ – од Оливија Георгиевска, илустрации на Јована Велинова-Трајанова („Арс ламина“)

6.ПРИЗНАНИЕ ЗА ПОТТИКНУВАЊЕ НА ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ

Наградени:
1. место: Проектот „Сликовницата на Халки“ од издавачот „Софија“ – Богданци

7.СПЕЦИЈАЛНО ПРИЗНАНИЕ ЗА ПРОМОТОР НА ЧИТАЧКАТА КУЛТУРА

Наградени:
1. место: Фестивал „Bookstar“

8.ПРИЗНАНИЕ ЗА ИНОВАТИВНОСТ

Наградени:
НЕМА