„Ова е моето простување со срамот од моето тело, од храната, од живеењето во оваа земја. Од срамот кој сум го негувала долго време, кој понекогаш не е лично мој и доаѓа од постапките на другите. Ова е моето прифаќање, заблагодарување и раскрстување со срамот. Време е срамот да оди кај некои други луѓе“.
Вака авторката и изведувачка Ангела Стојановска го најавува перформансот „Срам“, кој ќе биде изведен на 11 мај во „Јавна соба“.
Перформансот е со времетраење од 60 минути, а негови креативни соработници се режисерот Милош Б. Андоновски и драматургот Ева Камчевска.
Поддршка низ креативниот процес даваат Викторија Илиоска, изведувачка и кореографка и Билјана Радиноска, режисерка. Извршна продуцентка е Емилија Чочкова, за костимот се погрижи Раде Василев, сценографијата е на Мартин Манев, додека техничка поддршка има од Филип Христовски.
Перформансот „Срам“ е развиван како авторски проект на Ангела Стојановска во рамки на платформата за изведувачки уметности на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско – испробување феминистички иднини“.
Оваа платформае финансиски поддржана од The Kvinna till Kvinna Foundation и FRIDA | The Young Feminist Fund и се реализира во соработка со фестивалот MOT.